Здружението на пензионери од Струга бара државата да им обезбеди пензионерски дом за да имаат место каде што ќе може да бидат згрижени. Велат дека државата не води грижа за нивниот достоинствен живот. Оставени сами на себе повеќето од нив немаат кој да ги згрижи, да им зготви и да им пазари.
„Потребен е пензионерски дом за овие граѓани да можат остатокот од животот да го доживеат на еден пристоен начин“, вели Милорад Трпоски претседател на Здружението на пензионери од Струга.
Трпоски живее со семејството на својот син. Вели дека не може повеќе да биде терет на своите најблиски, а животот би му бил далеку полесен доколку пензионерските денови ги помине во дом за сместување.
„Таму ќе има друштвени игри, животот би ми бил далеку поисполнет. Има многу стари лица кои нема со кого муабет да направат. Токму еден таков дом ќе им го промени животот“, вели Трпоски.
Во Струга голем е бројот на стари лица кои живеат сами. Младите се повеќе ја напуштаат државата, а Струга важи за град каде по традиција со години жителите заминуваат на печалба, најчесто во Италија, Германија и Швајцарија. Според анализата направена од Здружението за мултикултурна интеграција „Инклузија“, процесот на иселување не запира. Младите и во време на ковид пандемија се подготвуваат за заминат од државата.
„Младите аплицираат, контактираат со агенциите, учат германски јазик и чекаат погоден момент да заминат откако пандемијата ќе помине. После процесот на масовна имунизација границите ќе се отворат, младите ќе заминат и тоа ќе биде голем проблем за нашата држава“, вели Вахид Мемед, претседател на „Инклузија“.
Струшките пензионери се гневни оти останале без дом откако Здружението на пензионери го изгубило корисничкото право на два објекта кои се во сопственост на државата. Пред две децении, хотелот „Плажа“ со капацитет од 30 соби и хотелот „Галеб“ со 80, изградени со средства од ПИОМ, се користеле за сместување и рекреација на пензионерите. Денес со нив стопанисуваат приватни лица.
„Во тие одмаралишта присутни беа пензионери од цела Македонија. Сега се во раце на приватни лица, бркаат бизнис, некој има угостителски објект, некој друго. Објектите стојат затворени. Штета е навистина направена на пензионерите од овој регион“, додава Трпоски.
Околу 4.500 пензионери од Струга бараат Министерството за труд и социјална политика и Сојузот на пензионери да преземат мерки за да им се вратат во владение објектите на брегот на Охридското Езеро, и да се пренаменат за сместување на стари лица.
Старачки домови нема ниту во регионот. Со исти проблеми се соочуваат и пензионерите од Лабуништа, Дебар, Вевчани, Октиси, Охрид, Кичево и Македонски брод, кои ја поддржаа иницијативата на струшкото здружение целиот регион да добие дом за сместување стари лица.
С. ВРЕНЦОВСКА