СТРУШКИТЕ СОВЕТНИЦИ ОДОБРИЈА ФОРМИРАЊЕ АД ХОК ТЕЛО ЗА СПРАВУВАЊЕ СО КУЧИЊАТА СКИТНИЦИ, НО И ПО ПЕТ МЕСЕЦИ НЕМА РЕАЛИЗАЦИЈА

    СТРУШКИТЕ СОВЕТНИЦИ ОДОБРИЈА ФОРМИРАЊЕ АД ХОК ТЕЛО ЗА СПРАВУВАЊЕ СО КУЧИЊАТА СКИТНИЦИ, НО И ПО ПЕТ МЕСЕЦИ НЕМА РЕАЛИЗАЦИЈАУште во јули Советот на Општина Струга ја изгласа иницијативата за формирање на посебно тело кое ќе се справува со проблемот со кој им е загрозена безбедноста на стружани, а сè почести се и каснувањата од бездомните животни. (Фото: СДК.МК)

    Кучињата-скитници во Струга се побројни и поопасни за граѓаните кои се погласно реагираат за проблемот за кој никој ништо не презема со години.

    „Пред неколку дена со точак поминував, ме нападнаа три кучиња овде на самото шеталиште. Носев вреќа со ореви и кога се бранев ми се истури, а тоа уште повеќе ги вознемири. За среќа имаше луѓе кои успеаја да ги отстранат кучињата оти немав ни со што да замавнам да се одбранам“, вели еден стружанец.

    „Поминувам со страв насекаде ги има, не се чувствувам безбедно“, вели повозрасна жена.

    Уште во јули Советот на Општина Струга ја изгласа иницијативата за формирање на посебно тело кое ќе се справува со проблемот со кој им е загрозена безбедноста на стружани, а сè почести се и каснувањата од бездомните животни.

    „Поднесовме иницијатива за формирање на ад хок тело кое ќе се справи со проблемот на кучињата скитници односно да се врши заловување, стерилизација и кастрација и нивно повторно враќање во средината од каде се земени. Со тоа знаеме дека ќе се намали и нивото на агресија и дека ќе имаме каква таква контрола врз ситуацијата која навистина е голем проблем за Струга посебно во летниот период кога има и туристи. Тоа беше едногласно прифатено, изгласано, но од тој момент до денес нема реализација на истото“, вели советникот од ВМРО ДПМНЕ, Никола Кукунеш.

    Според него општината троши огромни средства за непродуктивни инвестиции, но кога станува збор за безбедноста на граѓаните нема пари во буџетот.

    „Загрижува и тоа што средствата кои требаше да се одделат за оваа акција се минорни во поглед на она што општината го троши од сопствениот буџет. За јавно осветлување за три квартали општината потрошила 550 илјади евра. За одржување патишта преку милион евра, за јавна чистота 330 илјади евра, за одржување депонија 66 илјади евра. Значи преку 2 милиони евра општината од својот буџет оделува средства за непродуктивни и некапитални инвестиции, а се правдаме дека немаме 8 илјади евра за да решиме еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат стружани“, додава Кукунеш.

    Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека општините сами треба да се грижат за кучињата скитници и да обезбедат соодветни услови за животните како и безбедноста за граѓаните. Според нив, општините се одговорни за решавање на проблемот со кучињата скитници во територијата на нивната општина.

    „Уште од 2011 година Агенцијата за ветеринарство и храна поднесе решение до општините по кое тие треба да постапат за изградба на стационар и секундарно згрижување на кучињата скитници но таа обврска општините сè уште ја немаат испочитувано“ вели Кукунеш.

    Ниту една општина во југозападниот регион нема прифатилиште за кучиња-скитници. Скопје е единствениот град во државава со посебно јавно претпријатие за третман на кучињата-скитници.

    Како долгорочно решение според Кукунеш е изградба на регионален стационар.

    С. ВРЕНЦОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира