По трагедијата во Кочани, каде во пожарот во дискотеката „Пулс“ животот го загубија 59 млади луѓе, граѓаните на Струга бараат затворање на сите објекти кои не поседуваат валидна документација за закуп или имотен лист за сопственост, како и документација за градба, адаптација, пренамена, реконструкција или концесија. Преку допис побараа од надлежните институции да излезат на терен и да направат контрола со цел да се спречат, како што велат, анархија и незаконско работење на угостителските објекти покрај струшкото крајбрежје, а со самото тоа и на локалната самоуправа.
Тие тврдат дека на земјиштето покрај езерското крајбрежје кое се дава под закуп, наместо урбана опрема и шанкови и лежалки од сезонски карактер, денес има ресторани, пицерии, слаткарници, ноќни клубови и дискотеки кои работат преку цела година.
„Тие објекти не претставуваат урбана опрема од сезонски карактер, изградени се од цврст материјал и се дивоградби на кои им е истечен периодот на концесија до 2015, а остваруваат приходи и се однесуваат како да се сопственици на државниот имот. Станува збор за 15 години, сметано од 2010 година наваму или остварени се вкупни приходи од пет милиони евра годишно, односно 75 милиони евра кои се во приватни џебови. Сопствениците на овие објекти сега станаа сопственици на диво изградени угостителски објекти. Поради нивното отворање и дивеење се затворија девет угостителски објекти во чаршијата“, велат граѓаните во пријавата.
Тие посочуваат дека во моментов плажите во Струга се пренаменети во едно, како што го нарекуваат, панаѓурско собиралиште на угостители со најразлични содржини: диви автокампови, диви сали за свадби, слаткарници, пицерии, диви ресторани и кафе барови кои работат до утринските часови.
„Плажата пред ресторанот ‘Аполонија‘ е балон сала, која треба да претставува спортска сала според одобрението за градба, но напротив, истиот е ресторан за свадби. Објектот е изграден на самата плажа и е со површина од 150 квадратни метри, а родендени и прослави се прават на катастарска парцела 1 – вода Охридско Езеро, каде што не може ни нотар да завери каков било закуп, бидејќи е вода, диво е извршен насип и комплетно е пресечена трската. На плажа-ресторанот ‘Аквариус‘ има дивоизградени објекти, плажи, платформи, исечени трски, насипани површини за плажа. Објектот е поставен на катастарска парцела 1, која претставува вода – Охридско Езеро, нема ни законска можност за негово натамошно работење, а закупот–концесијата е со истечен датум во 2015. Исто така, и ресторанот на плажата ‘Версус‘ е дивоизграден, со кујни, пицерии, бунгалови, платформи, исечени трски и насипани површини за плажа. И на овој објект закупот-концесијата е истечена во 2015“, се наведува во пријавата.
Диво изградени објекти на земјиште во државна сопственост, според граѓаните-потписници на пријавата, има и на познатите Женска плажа и Машка плажа и на локацијата на некогашната плажа „Галеб“. Со истечен датум за закуп-концесија во 2015 е и плажата „Блу скај“, на која, како што нагласуваат граѓаните, постојат диво изградени бунгалови и два ресторана за свадби, но и на други локации долж крајбрежјето.
„Бараме да се спроведе законска постапка усогласена со Планот за управување со светското културно наследство за Охридско-Струшкиот Регион на УНЕСКО, во кој на крајбрежјето се дозволуваат само лежалки и соблекувални, а не ресторани, кафетерии, пицерии и слаткарници. Да се расчисти теренот и да се уреди во форма на песочни плажи во функција на граѓаните и туристите, независно дали ќе бидат дадени под закуп или ќе ги стопанисува некое јавно локално претпријатие. Да не се дозволи да се случат нови трагедии како во Кочани или таа пред 15 години, кога од електрична инсталација загинаа наши сограѓани на градското пливалиште ‘Галеб‘ во Струга“, велат граѓаните на Струга.
Од Општина Струга деновиве најавија инспекциски контроли на сите угостителски објекти на територијата на градот.
„Општина Струга во периодот што следува ќе иницира координиран инспекциски надзор со сите надлежни инспекциски служби во Општина Струга, како државни, така и општински инспектори. Во таа насока упатува јавен апел до сите сопственици на локали и други услужни објекти дека ќе започне заедничка проширена контрола на инспекторите. Објектите што ќе се контролираат треба на инспекторите да им приложат одобрение за вршење дејност, одобрение за поставување урбана опрема, елаборат за поставување урбана опрема, тековна состојба, имотен лист за деловен објект, елаборат за заштита на животната средина, елаборат за заштита од пожари и доказ дека истиот е спроведен на самото место“, соопштија од Општина Струга.
Оттаму кажаа дека за сите констатирани неправилности инспекторите ќе издадат решение за отстранување на недостатоци со рок согласно закон, како и прекршочен платен налог.
С. ВРЕНЦОВСКА