СТУДЕНЧИШКИОТ КАНАЛ ЌЕ СЕ ПРОШИРУВА ЗА ДА НЕ ДОЈДЕ ПАК ДО ПОМОР НА ПЛАШИЦАТА

    СТУДЕНЧИШКИОТ КАНАЛ ЌЕ СЕ ПРОШИРУВА ЗА ДА НЕ ДОЈДЕ ПАК ДО ПОМОР НА ПЛАШИЦАТАМинатиот месец, во каналот поради низок водостој и недостаток на кислород угина половина тон охридска плашица (Фото: СДК.МК)

    Студенчишкиот канал во Охрид ќе се продлабочува и проширува за повторно да не се случи помор на рибите во него, беше најавено вчера на вонредна седница на Градскиот совет на Охрид, на која се расправаше за последниот помор на плашицата, кога угинаа околу половина тон риби.

    Советот побара од градоначалникот да се обрати до Министерството за екологија, со барање за преземање превентивни мерки и активности, за да се спречи поморот на плашица во иднина. Препорачано е Општина Охрид да побара информација од Хидробиолошкиот институт-Охрид, со цел добивање насоки за препорачани и дозволени флуктуации на нивото на езерото и за преземање конкретни мерки во оваа насока. Побарано е градоначалникот, во соработка со ЕЛЕМ Македонија, да покрене иницијатива за формирање работна група, која ќе даде писмени препораки за надминување на постојната состојба и за иницирање измени на постојната законска регулатива од оваа сфера.

    „Локалната самоуправа неколку дена пред да се случи угинувањето на околу 500 килограми плашица писмено ги предупреди надлежните институции да преземат мерки, а количините на угинатата риба беа намалени, бидејќи беа преземени низа активности, во кои беа вклучени „Водовод“ , „Нискоградба“ и „Охридски комуналец“, рече градоначалникот Јован Стојаноски.

    На 19 ноември, во Студенчишкиот канал поради низок водостој и недостаток на кислород угина половина тон охридска плашица. За да има повеќе вода, „Охридски водовод” ги исклучи пупмите кои црпеа вода за пиење од каптажата над Билјанини Извори и беше поставена пумпа која внесуваше кислород во каналот.

    Се проценува дека во каналот има околу 60 тони плашица, на која овој дел од брегот ѝ е природно зимувалиште.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира