СТУДЕНТСКИОТ ДОМ ВО ШТИП ЧЕКА ДА ЗАВРШИ КОНКУРСОТ ЗА СТУДЕНТИТЕ ЗА ДА ВИДИ КОЛКУ СРЕДНОШКОЛЦИ ЌЕ МОЖЕ ДА СМЕСТИ

    СТУДЕНТСКИОТ ДОМ ВО ШТИП ЧЕКА ДА ЗАВРШИ КОНКУРСОТ ЗА СТУДЕНТИТЕ ЗА ДА ВИДИ КОЛКУ СРЕДНОШКОЛЦИ ЌЕ МОЖЕ ДА СМЕСТИДомот „Браќа Миладиновци“ веќе смести 95 средношколци, 85 се на листата на чекање (Фото: СДК.МК)

    Државниот студентски дом „Браќа Миладиновци“ во Штип, во кој до 2008 се сместуваа само ученици, годинава има максимален капацитет од речиси 300 лица  Конкурсот за учениците заврши и 95 најдобро рангирани веќе се сместени во домот.

    Раководителот на домот Јордан Насев вели дека 85 ученици, според критериумите од конкурсот, мора да бидат на листата на чекање затоа што нивното сместување зависи од интересот на студентите, чиј конкурс завршува на 1 октомври. Интересот и на студентите и на учениците за овој дом е голем, затоа што тие месечно плаќаат само 3.410 денари за сместувањето, а со исто толку средства учествува и Министерството за образование. Во цената што се плаќа влегуваат и два оброка, ручек и вечера, приготвени во сопствената кујна. Домците имаат можност да ги користат и купатилата, читалните и занималните.

    „Минатата година во домот беа сместени само 100 студенти, па имаше можност за сместување и на речиси 200 средношколци. Но, никој не може да каже како ќе биде оваа година. Сметам дека годинава ќе има место за 180 средношколци, а Министерството разгледува колку од досега пријавените 105 студенти ги исполнуваат критериумите и колку од нив ќе бидат ослободени од партиципација. Конкурсот трае до крајот на месецот. Колку повеќе се зголемува интересот кај студентите, толку повеќе опаѓа кај средношколците од други градови, кои најавуваат дека ако не се сместат во домот, ќе ги напуштат стручните училиште во Штип во кои се запишале и ќе заминат во други места“, вели Насев.

    Електромашинскиот центар, Медицинското и Музичкото училиште во Штип годинава се пополнети претежно со ученици од соседните градови, но има и ученици од Прилеп. Битола, Гевгелија и Куманово.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира