Само што започна, заврши рочиштето за постапката против струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, за незаконско поставување двајца директори во Основното училиште (ОУ) „Гоце Делчев“ во Подгорци, и за училиштата во Лабуништа и Радолишта, оти сведоците не се појавија во судницата.
Како оправдување во поднесокот напишале изговор за кој немало соодветни докази за тоа или причината не била онаа која во рамките на законот се смета за оправдана. Едниот имал куќна слава, на друг му почнала градежна сезона, а имало и сведок кој се оправдал дека имал обврски оти бил менаџер на хотел, па судијата Јордан Јованов се закани дека на следното рочиште ќе бидат донесени со асистенција на полицијата.
„Сметам дека е недозволиво и дека е исклучиво непочитување према Судот да се пишиваат некои работи кои не може да се сметаат за оправдана причина. Од тоа што слушнавме што е напишано, некако ствара сомнеж дека некој избегнува да се јави пред судот и од тие причини, доколку не сакаат по редовен пат, ќе мора за жал, да користиме присилни механизми“, изјави судијата Јованов.
Единствениот сведок кој се појави во Судот стигна само до ходникот, по што замина.
„Доколку тоа се случило особено сум непријатно изненаден од таквото негово однесување“, рече судијата.
Денеска во Основниот суд во Струга се водеше и постапка за незаконско поставување директор во ОУ „Браќа Миладиновци“ во Струга. Мерко рече дека не се чуствува виновен.
В. д. директорката Албана Жута како сведок зборуваше на албански јазик, па побара преведувач. Рече дека во 2022 се вработила како професор по албански јазик во гимназијата „Ибраим Темо“ и ја назначиле за директорка во ОУ „Браќа Миладиновци“. Немало оглас за именување директор, а таа документите ги поднела кај секретарот. Немала меѓунородно признат сертификат за англиски јазик ниту положен Државен испит за директор, но станала директорка по претходно, како што рече, направени консултации со градоначалникот и тогашниот заменик-министер. Тврдеше дека Министерството за образование ја именувало за директорка.
Сведокот Виолета Џутеска, вработена во Државен просветен инспекторат, рече дека Албана Жута не ги исполнувала условите во целост за директорка кои се дефинирани од Законот за основно образование. Жута не била од редот на вработените како што налага законот, ниту имала положен испит за директор ниту сертификат за познавање на англиски јазик.
Судската постапка за училиштето во Велешта каде има повеќе обвинети кои се товарат за „Несовесно работење во службата“, а дел од нив се гонат и за кривичното дело „Фалсификување исправи“, се одложи поради здравствени причини на бранителот на обвинетата Егзона Шеи, која се сомничи дека ја фалсификувала дипломата.
Основното јавно обвинителство Струга го товари струшкиот градоначалник за несовесно работење а тој и денеска рече дека не се чуствува виновен.
С. ВРЕНЦОВСКА