Златниот волонтерски сертификат за 2025 година, Младинскиот културен центар (МКЦ) од Битола годинава ѝ го доделува на кочанската волонтерска иницијатива „Супорт Кочани“ , создадена за помош на настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“ на 16 март со 63 жртви и над 200 пoвредени. Наградата ќе биде доделена на 5 декември, на Меѓународниот ден на волонтерството во Битола.
Националните волонтерски награди МКЦ ги востанови во 2006, а годинава се доделуваат по 20. пат како јавно признание на волонтери кои се вклучуваат за доброто на својата заедница, помагаат на други и ја промовираат солидарноста, хуманоста и сите позитивни вредности на волонтерските активности.
„Иницијативата ‘Супорт Кочани’, активирана веднаш по трагичниот настан што го погоди Кочани и кој ја потресе целата држава и пошироко, ја водат посветени волонтери. Нивниот несебичен придонес за помош на семејствата на загинатите и повредените во време на болка и тага, ја покажува силата на волонтерството кое во својата суштина има помагање во заедницата, солидарноста и мобилизација на ресурси за самопомош“, велат од МКЦ Битола.
„Супорт Кочани“ е интернет кампања која обединува повеќе организации, физички и правни лица кои имаат извршено донација на трансакциските сметки на повредените и роднини на загинатите во „Пулс“ или на било каков друг начин со свој личен придонес помагаат во реализација за давање помош.
„Речиси 8 месеци, ние како волонтери, не престануваме со нашата мисија, и остануваме да се бориме и да стоиме покрај секој еден од засегнатите, како и од самиот почеток. Нашата главна цел никогаш не беа бројките, туку луѓето. И тоа ќе остане така. Затоа и ќе продолжиме да помагаме на оние што се борат и оние што тивко болат“, велат волонтерите од „Супорт Кочани“.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



