„СУПОРТ КОЧАНИ“ ГО ОТВОРИ ЦЕНТАРОТ ЗА МЛАДИ „ГНЕЗДО“

    „СУПОРТ КОЧАНИ“ ГО ОТВОРИ ЦЕНТАРОТ ЗА МЛАДИ „ГНЕЗДО“„Го нарековме 'Гнездо', затоа што тоа име симболизира место каде што се чувствуваш сигурно, безбедно, каде се поврзуваш со другите и на крај, подготвен си да леташ сам“, рекоа волонтерите од „Супорт Кочани“ на отворањето на Центарот. (Фото: Инстаграм)

    Во Кочани синоќа е отворен Центар за млади „Гнездо“ како центар за психо-социјализација, по идеја и реализација нана Граѓанската иницијатива „Супорт Кочани“, којашто произлезе по катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ на 16 март, со 62 жртви и над 200 повредени.

    Центарот има неколку простории од над стотина квадратни метри површина и комплетно е опремен и уреден со финансиска подршка на општествено одговорна компанија, а коистењето ќе биде целосно бесплатно.

    „Го нарековме ‘Гнездо’, затоа што тоа име симболизира место каде што се чувствуваш сигурно, безбедно, каде се поврзуваш со другите и на крај, подготвен си да леташ сам“, рекоа волонтерите од „Супорт Кочани“ на отворањето на Центарот.

    Во Центарот ќе има едукативни, креативни и психолошки работилници, ќе може да се слика и црта, да се пишува, да се прават рачни изработки. Планирани се мотивациски говорници, активности за подобрување на психолошкото здравје и многу други нешта што ќе ги привлечат младите да создават нови вредности, кажа Ана Вучева од „Супорт Кочани“, а од иницијативата рекоа дека се надеват оти создале топло и тивко место за дружење, кое ќе овозможува надеж за подобра иднина на младите.

    „Супорт Кочани“ е годинашен добитник на Наградата за значајни остварувања за развојот на Општина Кочани, што се доделува по повод 7 Септември, Денот на ослободувањето на Кочани.

    Изминатава недела граѓанската иницијатива објави дека од задничката сметка за донации за настраданите во пожарот се распределени 7.780.500 денари на 133 лица, односно по 58.500 денари по лице.

    „’Супорт Кочани’ не застанува тука – ние како волонтери со можеби не толку голема енергија, но со иста љубов, мотивација и истрајност ќе продолжиме да работиме и да постоиме. Како што ветивме од самиот старт – нема да дозволиме Кочани да биде заборавено“, кажа притоа иницијативата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира