ТАЛЕСКИ Е ЖИВОТНО ЗАИНТЕРЕСИРАН СУДЕЊЕТО ЗА ОФИЦЕРСКИОТ ДОМ ДА ЗАВРШИ ШТО ПОСКОРО, НО ДЕНЕС ПАК БАРАШЕ  ОДЛАГАЊЕ

    ТАЛЕСКИ Е ЖИВОТНО ЗАИНТЕРЕСИРАН СУДЕЊЕТО ЗА ОФИЦЕРСКИОТ ДОМ ДА ЗАВРШИ ШТО ПОСКОРО, НО ДЕНЕС ПАК БАРАШЕ  ОДЛАГАЊЕОва е второ рочиште на кое се одлага почетокот на главната расправа на судењето на ексградоначалникот на Битола Владимир Талески, обвинет за несовесно работење во службата, односно за недоволна грижа за Офицерскиот дом, објект под заштита кој во изминатите години се руинира (Фото: СДК.МК)

    Во Основниот суд во Битола денес повторно беше одложено судењето на ексградоначалникот на Битола Владимир Талески, обвинет за несовесно работење во службата, односно за недоволна грижа за Офицерскиот дом, објект под заштита, кој во изминатите години се руинира.

    „Мојот клиент е животно заинтересиран оваа постапка да започне и заврши што поскоро за да ја докаже својата невиност”, рече Драги Пажик, адвокатот на Талески,  но одбраната повторно побара одлагање на судењето.

    Ова е второ рочиште на кое се одлага почетокот на главната расправа. Овојпат, одбраната на Талески побара одлагање зашто од Општина Битола не им доставиле во оригинали материјални списи, иако барањето го доставиле во декември минатата година.

    „Тоа се докази кои се однесуваат на одржувањето, сите преземени дејствија, каков бил Домот предаден на Општината, кога бил одземен и повторно предаден и сметаме дека постојат материјали кои ќе укажат дека градоначалникот се грижел за тој дом и преземал разни дејствија за негово реновирање, реконструкција”, рече адвокатот Пажик.

    Се работи за десетина списи и документи, но сепак одбраната го бара целиот предмет.

    Обвинителката Оливера Нечаковска рече дека одбраната веќе извршила увид врз предметот и достави оригинални документи, како извештајот за активности во Офицерскиот дом во 2016 и известување од ЈП „Комуналец“. Но, одбраната на Талески побара целосна концентрација на доказите за да може да даде ефективна одбрана.

    Судот сега ќе достави барање до Општината за потребните докази, а следното рочиште е одложено за 29 март.
    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира