ТЕХНИЧКО-ТЕХНОЛОШКИОТ ФАКУЛТЕТ ВО ВЕЛЕС ДОБИ НОВ ЦЕНТАР ЗА РАЗВОЈ И АНАЛИЗА НА ПРЕХРАНБЕНИ ПРОИЗВОДИ

    ТЕХНИЧКО-ТЕХНОЛОШКИОТ ФАКУЛТЕТ ВО ВЕЛЕС ДОБИ НОВ ЦЕНТАР ЗА РАЗВОЈ И АНАЛИЗА НА ПРЕХРАНБЕНИ ПРОИЗВОДИПрехранбено-технолошкиот центар е опремен со современа лабораториска опрема (Фото: СДК.МК)

    Техничко-технолошкиот факултет во Велес доби нов современ прехранбено-технолошки центар за развој, кој служи за создавање нови иновативни производи. Вреден 2,17 милиони денари, тој е дел од проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“, финансиски поддржан од Швајцарската агенција за развој и Министерството за локална самоуправа.

    „Малите и средните фирми по големина немаат можност и капацитети за истражувања и развој. Едно од решенијата за тоа е соработка со факултетите, поради што и го поддржавме овој проект. Беше задоволство да се видат опремата и лабораторијата, бидејќи тука студентите ќе можат од прва рака да го унапредат знаењето“, рече Сибил Сутер, амбасадорка на Швајцарија во Скопје.

    Прехранбено-технолошкиот центар е опремен со современа лабораториска опрема, која на актуелни и дипломирани студенти им овозможува да ги усовршуваат своите стручни знаења, но и претприемачки потенцијал за отворање сопствен бизнис. Со автоматизираната опрема можат да се анализираат суровините и прехранбените намирници и да се одредува количеството на протеини, масти и вода во продуктите.

    „Овој центар ќе придонесе да се зголеми понудата на нови прехранбени производи со посебни хранливи и функционални карактеристики, произведени според барањата на современиот потрошувач. Тие ќе придонесат за зголемување на конкурентноста на компаниите на домашниот и странскиот пазар“, кажа проф. д-р. Татјана Калевска, декан на Техничко-технолошкиот факултет.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира