ТЕРАПИЈАТА ЗА ХЕПАТИТИС ДА СЕ СТАВИ НА ПОЗИТИВНА ЛИСТА, БАРААТ ОД ХЕПАР ЦЕНТАРОТ ВО БИТОЛА

    ТЕРАПИЈАТА ЗА ХЕПАТИТИС ДА СЕ СТАВИ НА ПОЗИТИВНА ЛИСТА, БАРААТ ОД ХЕПАР ЦЕНТАРОТ ВО БИТОЛАВо земјава од хепатит Б и Ц боледуваат од 20.000 до 25.000 пациенти. (Фото: СДК.МК)

    Терапијата за хепатитис што поскоро да се стави на позитивна листа за да можат пациентите навреме да се лекуваат и да не стигнуваат до трансплантација на црниот дроб, бараат од Хепар Центарот од Битола.

    „Хендикеп е тоа што имаме болест која се лечи, а немаме лекарства. Имавме одредени донации во земјава преку одредена физибилити студија се сакаше да се докаже дека тие болести се излечиви. Овој месец завршува студијата и треба да се објават податоците колку од пациентите што ја примиле оздравиле. Заедно со Министерството за здравство најавивме дека оваа терапија ќе биде достапна во Македонија, но сѐ уште нема. За хепатит Б имаше најава дека ќе биде на позитивна листа до крајот на годината. Ја искористуваме приликата по повод Европската недела за тестирање од ХИВ и хепатит да апелираме Министерството да направи што побрзи чекори оваа терапија да биде достапна за луѓето. Со тоа ем го елиминираме вирусот, ем спречуваме трансмисија“, вели Милан Мишковиќ, претседател на Хепар Центарот од Битола.

    Според статистиката со која располагаат во земјава од хепатит Б и Ц боледуваат од 20.000 до 25.000 пациенти. И бројката на луѓе кои имаа проблем со цироза и карцином на црниот дроб е во пораст. Само последнава година 10 до 12 пациенти од земјава имаа потреба од трансплантација на црниот дроб. Едниот од нив млад битолчанец, татко на две мали деца починал без да дочека да му биде пресаден органот.

    „Порастот се должи бидејќи е изоставена превентивата, кога не ги третираме заболените постои опасност тие да го шират вирусот, посебно онаа група на луѓе кои не се свесни дека го поседуваат овој вирус. Се препорачува скрининг посебно за ризичните категории оние кои имале сексуални односи со повеќе партнери, оние кои користеле крв и крвни деривати, луѓе што користеле интравенски дроги, пациенти на дијализа, а и медицинските работници“, рече Мишковиќ.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира