ТЕТЕКС И ЉУБОТЕН НЕ СМЕАТ ДА ГИ КОРИСТАТ ДВАТА СТАДИОНА ВО ТЕТОВО, ОД ОПШТИНАТА ВЕЛАТ ДЕКА ТИЕ БИЛЕ САМО ЗА КЛУБОВИТЕ ОД ПРВАТА ЛИГА

    ТЕТЕКС И ЉУБОТЕН НЕ СМЕАТ ДА ГИ КОРИСТАТ ДВАТА СТАДИОНА ВО ТЕТОВО, ОД ОПШТИНАТА ВЕЛАТ ДЕКА ТИЕ БИЛЕ САМО ЗА КЛУБОВИТЕ ОД ПРВАТА ЛИГАЕксклузивно право на користење на двата стадиони има само Шкендија (Фото: СДК.МК)

    Раководството на ФК Тетекс ја обвинува општинската власт на Тетово дека не им дозволува на неговите фудбалери да го користат главниот стадион за првенствени натпревари, ниту помошниот стадион за тренинзи. Поради ова, второлигашот Тетекс тренира и игра на несоодветниот терен со вештачка трева направен од Агенција за млади и спорт.

    „Од засега непознати причини, ФК Тетекс, ФК Љуботен и ЖФК Љуботен немаат право на користење на стариот, но и на новиот градски стадион за тренинзи и натпревари. Ексклузивно право на користење на двата стадиони има само Шкендија. Се прашуваме дали во 21. век е нормално само поради тоа што сме Македонци кои живеат во Општина Тетово да немаме право на тренинзи на природна трева? Од февруари навака одржани се неколку состаноци со градоначалникот и челниците на општинската власт, но оттаму нема никаков одговор и реализација на нашите барања“, се вели во соопштението.

    Просториите на ФК Тетекс се наоѓаат на стариот градски стадион, но за да тренираат, фудбалерите мора да патуваат повеќе од два километра до стадионот што пред неколку година го изгради Агенција за млади и спорт во Спортскиот центар во Тетово. Условите за тренинзи на овој терен се многу лоши. Се тренира на вештачка трева, има кратки термини за тренинзи и не може да се користи целиот терен. Овие клубови тука ги играат и првенствените натпревари. Општина Тетово уште во март ветила дека ќе се изгради нов стадион во село Сараќино каде што овие клубови ќе може да тренираат, но од реализацијата засега нема ништо.

    „Веќе го играме второто коло од лигата и дали треба уште да се чека. Од општината даваат само ветувања дека изградат нов терен во Сараќино. Во ред, нека биде така, но што дотогаш? Затоа нашите барања се кратки и јасни: бараме писмени гаранции дека клубот ќе може да се натпреварува на Градскиот стадион, бараме да го користиме и стариот стадион. Зошто само еден клуб да има право да ги користи овие два стадиона“, изјави Бобан Мишевски, тренерот на Тетекс.

    Од клубот велат дека за ваквата состојба со градските стадиони ќе ги известат и домашните и странските институции.

    За проблемот со користењето на градските стадиони со соопштение се огласи и Општина Тетово.

    „Општина Тетово секогаш постапувала транспарентно и одговорно кога бил во прашање соживотот помеѓу заедниците. Во оваа насока, реакцијата на двата фудбалски клуба во однос на користењето на спортските терени во нашиот град е јасно кршење на оваа традиција на транспарентност и одговорност. Нивната последна реакција беше сосема непотребна и неодржлива. Средба со претставници на клубовите имаше и се постигна јасен консензус: Градскиот стадион да се користи само за натпревари од Првата лига и за меѓународни натпревари, но и за мечеви од особено значење, како полуфинале и финале на Купот на Македонија. За екипите кои настапуваат во пониските лиги општината има јасен став: ќе се уредат и други терени опремени со сите потребни услови за спортски натпревари. Така еден терен ќе се гради кај Спортскиот центар во градот, а друг во Сараќино. Двата терена ќе бидат опремени со потребната инфраструктура, како соблекувална за тимовите и канцеларии за клубовите“, се вели во соопштението од Општина Тетово.

    Стариот стадион е изграден од ФК Љуботен во 1936-38 на земјиште купено од ИВЗ од тогашниот претседател Нико Гогов, кој потоа му го подарил на клубот. Стадионот по Втората светска војна е национализиран и станал градски.

    Новиот Градски стадион е изграден во 1979-81 година кога Тетекс влезе во Првата сојузна лига. Во неговата изградба со 79% средства учествувал комбинатот „Тетекс“, комбинатот „Југохром“ со 12%, другите тетовски претпријатија со 6% и Општина Тетово со 3%. Во периодот на транзицијата, стадионот беше под надлежност на државата и Општина Тетово, а во јули 2016, фирмата „Еколог интернешнл“, која е сопственик на ФК Шкендија, го зеде Градскиот стадион под концесија од Советот на Општина Тетово.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира