Триесетгодишен тетовец ноќеска двапати бил приведен за време на полициски час.
Прво бил приведен околу полноќ, а откако во полициската станица му биле земени потребните лични податоци, тој бил пуштен. Револтиран од тоа што го привеле, на излегување од станицата почнал агресивно да се однесува и да ги навредува присутните полицајци, поради што повторно бил уапсен.
„Ноќеска, десетина минути по полноќ, на улицата Цветан Димов во Тетово, полициски службеници на СВР Тетово го лишиле од слобода Љ. А. (30) од Тетово. Тој претходно бил приведен поради непостапување според здравствените прописи за време на епидемија. По земањето на личните податоци, тој бил пуштен, но веднаш потоа почнал да ги навредува и агресивно да се однесува кон полициските службеници поради што повторно бил приведен. По целосното расчистување и документирање на случајот, против него ќе бидат изготвени соодветни поднесоци“, соопшти портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски.
Во изминатото деноноќие, на тетовското подрачје се евидентирани 10 лица кои не ја почитувале забраната за движење за време на полицискиот час.
З. АНДОНОВ