Пијан тетовец ноќеска управувајќи со неговото патничко моторно возило „Форд“ со тетовски регистарски таблички сторил сообраќајна незгода удирајќи во возило „Ауди“ со хрватски национални ознаки.
Направена е само материјална штета, но пијаниот возач завршил во притвор бидејќи при контролата полицијата му измерила 3,94 промили алкохол во крвта.
„На 02.11.2025 во 1,30 часот на булеварот Маршал Тито во Тетово, полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Тетово го лишија од слобода С.Ј.(47) од Тетово. Претходно тој со неговото патничко возило Форд со тетовски регистарски таблички учествувал во сообраќајна незгода со возило Ауди со хрватски национални ознаки во која е причинета само материјална штета. При преземање мерки во врска со незгодата полициските службеници констатирале дека С.Ј. е под дејство на алкохол, односно му се измерени 3,94 промили алкохол во крвта. Тој е задржан во полициската станица и по документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава по член 297-а од Кривичниот законик за кривичното дело Безобзирно управување со моторно возило“, соопштуваат од СВР Тетово.
З. АНДОНОВ



