ТЕТОВЕЦОТ ЕЛМИР МУСТАФАИ СТАНА ПРВ РЕВИЗОР ЗА БЕЗБЕДНОСТ НА ПАТИШТАТА ВО МАКЕДОНИЈА

    ТЕТОВЕЦОТ ЕЛМИР МУСТАФАИ СТАНА ПРВ РЕВИЗОР ЗА БЕЗБЕДНОСТ НА ПАТИШТАТА ВО МАКЕДОНИЈАМустафаи своето звање го стекнал во Загреб бидејќи во Македонија тоа моментално не е можно. (Фото: СДК.МК)

    Тетовецот Елмир Мустафаи стана првиот ревизор за безбедност на патиштата во Македонија. Мустафаи е магистер по сообраќај, транспортно планирање и инженерство, а стручниот испит за безбедност на патиштата го положи на Факултетот за сообраќај во Загреб, бидејќи кај нас не постојат услови за стекнување на ова звање.

    „Мојата работа е да утврдам која од предложените варијанти со предлог проектот за изградба на некој пат е најдобра, односно најбезбедна за одвивање на сообраќајот. Ова е важно бидејќи, според статистиките, патот е причината за 5-20% сообраќајни незгоди. Вакви ревизии на безбедноста на патиштата кај нас досега не се правеа бидејќи немаше стручни лица, но тие во наредниот период ќе бидат многу потребни. Тоа произлегува од Директивата на Европската комисија, каде стои дека секоја земја кандидат за ЕУ е должна да врши ревизии на безбедноста на сите автопати и државни патишта што минуваат низ европските ТЕМ коридори. На крајот од 2018 година, кај нас се направени измени во Законот за јавните патишта и тој е усогласен со европската Директива. Ревизијата треба да се спроведува уште на идејниот и основниот градежен проект, потоа на проектот за реализација, пред да се пушти патот во употреба и неколку месеци по пуштањето во употреба“, вели Мустафаи.

    Стручниот испит Мустафаи го полагал во Загреб пред петчлена комисија, во која имало двајца претставници од Словенија и тројца од Хрватска. Сега чека од Факултетот за сообраќај во Загреб да му го испратат сертификатот, тој да се верифицира во Македонија, со што и официјално ќе стане првиот ревизор за безбедност на патиштата во Македонија.

    „Мојата работа ќе биде да дадам мислење за одреден проект дали ги задоволува безбедносните аспекти. Досега, при изградба на патиштата не се правеле ревизии на безбедноста зашто не постоеле ревизори. Оваа Директива на ЕУ не случајно е донесена, бидејќи се сака бројот на жртви во сообраќајот да се сведе на нула. Во Осло, на пример, лани само едно лице загинало во сообраќајки. Кај нас на патиштата гинат од 120 до 150 луѓе годишно“, посочува Мустафаи.

    Тој работи во Општина Тетово како советник за развој на сообраќајот и вели дека во Општината малку се обрнува внимание на оваа проблематика, иако градот има огромни проблеми со сообраќајот.

    „Поразително е што во Општина Тетово има само еден инспектор за сообраќај и патишта кој ги опслужува не само Општина Тетово туку и другите пет општини во регионот. Тетово има потреба од јавен превоз. Сега таа дејност се извршува со комби возила, но тие не можат да се лиценцираат. Во Тетово е формирано Јавно претпријатие за јавен превоз, но уште нема добиено градски автобуси. За одвивање на јавен превоз потребна е сообраќајна студија, што градот за последен пат ја направил во 1981“, вели Мустафаи.

    З. АНДОНОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари