По неколку децении, Тетово конечно доби нов парк. На просторот наспроти Спортскиот центар и автобуската станица, кој тетовци го викаа Женски парк, урбанизирана е парковска површина на којa освен зеленило се поставени и повеќе спортски реквизити за деца, но и за возрасни. Паркот денеска во употреба го предаде градоначалничката на општина Тетово Теута Арифи.
„Ова е инвестиција од 10 милиони денари, а ние како општина Тетово со овој проект конкуриравме пред Бирото за регионален развој од каде и ги добивме парите. Овој парк до неодамна не беше на добар глас, но еве сега тој стана сигурен простор кој го обезбедува чуварска служба. Со ова граѓаните на Тетово, а посебно децата добија една голема зелена површина за рекреација и одмор“, рече градоначалничката Теута Арифи.
Ако пред триесетина и повеќе години Тетово важеше за зелен град со многу дрвореди и паркови, денеска, заедно со оваа површина може да се каже дека Тетово има само три паркови кои можат да го понесат тоа име. Негрижата за зелените површини, непланското и најчесто бесправното сечење на дрвата по тетовските улици, беа една од причините Тетово последниве неколку години да стане град со најзагаден воздух не само во Македонија туку и пошироко.