Денеска во тетовскиот водовод има намален доток на вода за пиење, бидејќи е исклучен цевководот кој градот го снабдува со вода за пиење од реката Пена од зафатот кај месноста Лешница. Обилните дождови кој паѓаа во текот на целата ноќ и денеска ги заматија водите на реката Пена, па поради тоа филтер-станицата автоматски го исклучила овој цевковод за дотур на вода за пиење. Од ЈП „Шар“, кое стопанисува со водоводниот систем во градот, велат дека поради ова, дотокот за вода во градот е намален речиси за половина од потребните количини.
„Како резултат на дефектот на линијата Лешница, моментално не работи водоснабдувањето од изворите на Лешница, па ги известуваме граѓаните дека од овој момент работата на филтер-станица е во прекин. Количеството на вода што доаѓа од изворите во Попова Шапка моментално е 210 литри во секунда“, соопшти „Шар“.
За нормално снабдување на градот потребни се од 400 до 450 литри вода во секунда. Оваа состојба најмногу ќе ги погоди жителите од повисоките реони на градот и оние од висококатниците. Ваквите исклучувања на филтер-станицата за прочистување на водата која доаѓа од зафатот Лешница се честа појава при обилни дождови. Ако заматеноста на водата се искачи над дозволеното ниво, филтер станицата автоматски се исклучува се додека не се избистри водата што доаѓа до неа.
З. АНДОНОВ