ТЕТОВО ЗАТРУПАНО СО ЃУБРЕ, КОМУНАЛЦИТЕ СО ШТРАЈК БАРААТ ДА ИМ СЕ ИСПЛАТАТ ЗАОСТАНАТИТЕ ПЛАТИ

    ТЕТОВО ЗАТРУПАНО СО ЃУБРЕ, КОМУНАЛЦИТЕ СО ШТРАЈК БАРААТ ДА ИМ СЕ ИСПЛАТАТ ЗАОСТАНАТИТЕ ПЛАТИКонтејнерите во Тетово се преполни со смет и засега е неизвесно кога штрајкот ќе прекине. (Фото: СДК.МК)

    Трет ден Тетово е затрупано во ѓубре, поради штрајкот на Јавното комунално претпријатие (ЈКП) Тетово од Работната единица (РЕ) „Комунална хигиена“. Тие не го собираат комуналниот смeт во градот сé додека не им се исплатат заостанатите плати и придонеси за здравствено и пензиско осигурување. Контејнерите во Тетово се преполни со смет и засега е неизвесно кога штрајкот ќе прекине.

    „Три денови по ред доаѓаме во кругот на РЕ ‘Комунална хигиена’ при ЈКП Тетово и не одиме на терен, туку седиме овде и штрајкуваме. Сé додека нема исплата на заостанатите плати и придонеси нема да го собираме сметот. Во контакт сме со дирекцијата и со претставниците од словенечката компанија која треба да не преземе. Од Словенците добивме ветување дека за работата во декември редовно ќе бидеме исплатени. Останува на Општината да ни ги исплати заостанатите плати“, велат работниците од „Комунална хигиена“.

    Кога започна штрајкот на тетовските комуналци, од Општина Тетово беше испратено соопштение во кое ветуваа дека ќе ги исплатат заостанатите плати, но тоа до денес не е реализирано. Тетовските комуналци досега неколку пати ја прекинувале работата исто така поради тоа што им доцнеа платите. ЈКП Тетово подолг период е во голема криза и со натрупани милионски долгови и е најзадолжено јавно претпријатие во градот.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира