ТЕТОВСКАТА ДИВА ДЕПОНИЈА УШТЕ ЧАДИ, МВР НЕ КАЖУВА ДАЛИ ПОЖАРОТ Е ПОДМЕТНАТ

    ТЕТОВСКАТА ДИВА ДЕПОНИЈА УШТЕ ЧАДИ, МВР НЕ КАЖУВА ДАЛИ ПОЖАРОТ Е ПОДМЕТНАТОткако во вечерните часови запре ветерот, сиот чад што доаѓаше од депонија се надвисна над градот, изутринава од густиот чад не можеа да се видат ни соседните згради (Фото: С. Новаковска)

    Цела ноќ и изутринава Тетово е завиено во густ чад кој доаѓа од дивата депонија која вчера се запали. Откако во вечерните часови запре ветерот, сиот чад што доаѓаше од депонија се надвисна над градот. Беше неможно да се седи со отворени прозорци. По улиците никој не се движеше, можеше да се забележи само по некој автомобил. Тетово ја преживуваше една од најтешките ноќи. Изутринава од густиот чад не можеа да се видат ни соседните згради. Некаде после десет часот задува послаб ветер, кој го расчисти воздухот и донесе мало олеснување.

    Според информациите од  дежурниот во Противпожарната единица, пожарот на дивата депонија целосно е згаснат. Тетовските пожарникари огнот го гаснеле цела ноќ до рано изутрината. Сега на депонијата нема активен пламен, туку на неколку места тлее запалениот смет од каде повремено излегува чад.  Дивата депонија е ставена под 24-часовен надзор,  дежураат две противпожарни екипи  со две цистерни, а како превентива на должност се повикани сите пожарникари.

    Вчера околу 18 часот на местото на пожарот на дивата депонија увид извршиле Јавен обвинител од тетовското Обвинителство и екипа на СВР Тетово. Засега ниту од Обвинителството ниту од СВР Тетово не соопштуваат детали за причините за пожарот и дали навистина има индиции дека тој е подметнат.

    Градоначалничката Теута Арифи на вчерашната прес-конференција пред запалената депонија  рече дека имало индиции оти пожарот е подметнат и побара од надлежните служби и МВР да превземат активности за пронаоѓање на сторителите.

    За запалената депонија се огласи и Генералниот секретар на Владата Драги Рашковски кој исто така се сомнева дека пожарот е намерно подметнат.

    „Владата на РМ обезбеди средства и склучи договор за дислокација и чистење на тетовската депонија, кој процес треба да започне во понеделник (утре). Некој тоа го знаел и затоа 2 дена пред да започне чистењето и дислокацијата ја запалил сѐ со цел да не може да дојде до тоа или да се одложи процесот, притоа загрозувајки го здравјето на луѓето. Кому му е ова во интерес? “ објави Рашковски на својот фејсбук профил.

    Тетовското еколошко здружение „Екогерила“ забрзано работи на организирање уште еден протест против несериозното однесување на општинските власти во справувањето со дивата депонија . Протестот ќе биде организиран деновиве. За нив во крајна линија не ни важно дали некој ја запалил депонијата, поважно е зошто таа уште е тука и не е дислоцирана.

    „Не е ни важно кој ја запалил депонијата, дали е тоа некој од некоја политичка партија, дали е некој пироман или пак самата се запалила од топлото време, сега тие бараат непознати сторители, а тоа е многу несериозно. Проблемот е зошто оваа дива депонија сѐ уште е овде и зошто уште постои? Општината требала да го осигура целото место за да не дојде до ова. Тие знаеја дека може да избие пожар бидејќи имаше обиди и претходно, еве јас знам дека неодамна два-три пати беше запалена оваа депонија, но и понатаму никој не ја осигуруваше депонијата. Мислам дека ова е само обид на Општината да ги дефокусира луѓето од вистинскиот проблем“, вели Аријанид Џафери од „Екогерила“.

    Во Тетово сите се огорчени од ваквата состојба. По вчерашната катаклизмична слика и темниот и густ чад кој избиваше од запалената депонија се бара итно да се превземат конкретни мерки и оваа дива депонијата да се исчисти и да се дислоцира од ова место. Нивната огорченост најмногу е насочена кон актуелната локална власт, но и кон претходните, како и кон сите Влади кои во овие дваесет години не успеаја да најдат соодветно решение за отстранување на сметот од Тетово.

    З. АНДОНОВ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира