ТЕТОВСКИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК КАСАМИ НАЈАВИ ДЕКА СО КАМЕРИ ЌЕ СЕ СЛЕДИ КОЈ ФРЛА ЃУБРЕ НАДВОР ОД КОНТЕЈНЕРИ

    ТЕТОВСКИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК КАСАМИ НАЈАВИ ДЕКА СО КАМЕРИ ЌЕ СЕ СЛЕДИ КОЈ ФРЛА ЃУБРЕ НАДВОР ОД КОНТЕЈНЕРИКасами и дел од општинарите денеска собираа отпадоци од тетовските улици (Фото: СДК.МК)

    На првиот ден на пролетта и по повод Светскиот ден на планетата Земја, тетовскиот градоначалник Билал Касами почна акција за чистење на градот. Заедно со дел од општинската администрација поминаа по неколку тетовски улици и собираа отпадоци фрлени на тротоарите, а посетија и неколку точки во градот кои се сметаат за позагадени.

    „Денеска на симболичен начин го одбележуваме Денот на планетата Земја. Ова е една во низата акции за чистење, со цел да ги сензибилизираме и информираме граѓаните дека доколку сакаме да живееме во чист град и чиста средина, треба да се научиме дека е полесно да не фрламе ѓубре, отколку некој тоа ѓубре да го собира од патот. Заедно со сите граѓани можеме да придонесеме да живееме во почиста средина“, изјави Касами.

    И покрај ваквите залагања на тетовските општинари, градот и понатаму има проблем со преполните контејнери и сметот што се фрла насекаде околу нив. Касами најави набавка на повеќе контејнери, но и дека на одредени критични точки се размислува да се постават камери за да се утврди кој го расфрла сметот.

    „Се обидуваме да обезбедиме контејнери за секаде каде што има потреба, иако и таму каде што ги има луѓето го фрлаат ѓубрето надвор од нив. Првин ни треба процес на сензибилизирање и едуцирање на луѓето, за потоа да дојдеме до казни, но за да казниме некого, ни треба и систем на идентификација. Планираме на некои покритични локации да се инсталираат камери за надзор, а се размислува снимките да одат директно на веб-страницата на општината за да може секој граѓанин да види кој се однесува несовесно и соодветно да се казни“, вели Касами.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира