Во 2007 година, поради недостаток на слободни места за закоп на починатите на градските гробишта во Тетово, Општината донесе одлука да се отворат нови гробишта, а како локација беше одредена една запуштена ливада веднаш до селото Фалише. Иако тогашната општинска власт, а и наредните после неа ветуваа дека ќе се изградат најсовремени градски гробишта, и по 17 години речиси ништо не е реализирано од ветеното. Се постави само една бекатонска патека, просторот се огради со жица, која сега на многу места е искината, нема тоалет, нема затворена просторија, нема црковен објект, а кога има пообемни врнежи на дожд се случува дел од гробиштата да бидат поплавени.
За разлика од муслиманските гробишта во Тетово, кои се под управување на Исламската верска заедница (ИВЗ) и кои се уредени според сите прописи, со православните гробишта управува Јавното комунално претпријатие од Тетово. Од таму велат дека тие имаат средства само за тековно одржување, а за да се изгради нешто за тоа треба Општината да инвестира.
„Ние немаме средства за да се извршат тие работи на гробиштата во Фалише. Општината треба да инвестира“, вели раководителот на Одделението за православните гробишта Мирослав Симовски.
Општина Тетово 17 години најавува дека ќе инвестира во доуредување на гробиштата во Фалише. Секоја нова општинска власт најавува дека ќе даде, кога еден милион, кога два милиона денари за нивното уредување, но тоа останува само на ветување. Така е и со актуелната општинска власт која ветува дека веќе напролет ќе започне со уредувањето.
„Во буџетот за 2024 година предвидовме два милиона денари и со тие пари се планира да се направи санитарен јазол и еден помошен објект. Со помош на ЈКП Тетово ќе се работи на уредување на просторот, санирање на штетите на оградата и ќе се работи на хортикултурно уредување на просторот. Огласот за јавна набавка сè уште не е објавен, тоа се очекува да се направи идниот месец и во текот на пролетта да се започне со активности“, изјави Ангел Карапетров, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Тетово.
Наспроти ова, советниците од СДСМ во Советот на Општина Тетово велат дека од нивна страна било предложено да се обезбедат средства за уредување на гробиштата во Фалише, но власта немала слух за тоа.
„Ние сме побарале, меѓутоа до сега не сме наишле на слух кај мнозинството во Советот на Општината. Се надеваме дека во иднина ќе наидеме на разбирање и дека тој проблем со православните гробишта во најбрзо време ќе се реши“, вели Глигорије Стојановски, од советничката група на СДСМ.
Додека се чека конечно да се уредат гробиштата во Фалише, тетовци се на голема мака при погреби на овие гробишта. Најтешко им е кога е врнежливо и кога се приморани одејќи низ кал да го извршат чинот на погребувањето.
З. АНДОНОВ