Тетовските комуналци овие летни месеци дневно собираат и до 140 тони смет, за разлика од другите месеци во годината кога дневно се собираат од 90 до 100 тони смет. Од ЈКП „Тетово“ велат дека ова се должи на тоа што летото е период кога голем број наши иселеници доаѓаат и тука го користат летниот одмор, па бројот на жителите во градот многу се зголемува. Ова се случува секоја година во овој период од годината, па преполните контејнери со смет можат да се видат речиси насекаде. Сепак тетовските комуналци велат дека и покрај зголемениот обем на работа, се подготвени сиот отпад да го однесат од контејнерите, но тоа може да го прават само во вечерните часови.
„На годишно ниво собираме од 100 до 110 тони смет дневно, но во овој период од годината, кога се летните одмори, собираме и до 140 тони смет дневно. Сепак сметот од контејнерите не можеме да го собираме преку ден бидејќи со нашите големи камиони за собирање смет дополнително би го отежнале и онака тешкото одвивање на сообраќајот во градот. Затоа сметот го земаме само навечер и рано изутрината кога низ улиците сообраќајот е многу намален. Тоа е причината што до крајот на денот имаме преполни контејнери со смет. Па дури и навечер наидуваме на проблеми бидејќи има несовесни возачи кои се паркираат токму преде контејнерите за смет и нашите работници не можат да ги испразнат. Во овој период од денот не можеме да ја повикаме ниту пајак службата бидејќи навечер таа не работи. Исто така дополнителен проблем ни прави и тоа што граѓаните често пати во контејнерите фрлаат и градежен материјал“, вели Љуљзим Шаќири, раководител во ЈКП „Тетово“.
За среќа на тетовци, годинава немаат проблеми со недостаток од вода за пиење. Обилните дождови кои паднаа оваа пролет ги наполнија Шарските извори, па од ЈКП „Тетово“ велат дека не само што има доволно вода туку има и вишоци кои водоводната мрежа не може да ги прими па мора да се испуштаат.
„Во последниве два месеци дотокот на вода за пиење е од 430 до 440 литри вода во секунда и тоа само од шарските извори. За нормално снабдување му се потребни околу 350 до 370 литри вода во секунда,колку што е и капацитетот на водоводниот систем во градот. Вишокот вода кој го добиваме мора да се прелие од градските резервоари. Недостаток на вода имаат реоните на градот каде поставената водоводна мрежа не одговара на моменталната состојба. Така на пример, во населбата Вонвардарска, поставена е цевка која била доволна за да опслужи 100 куќи, колку имало кога била поставена, но денес таму има 1.000 куќи и нема доволно вода само поради капацитетот на цевководот. Сличен случај е и во неколку улици во повисоките реони на градот. На недостаток на вода се жалат и станарите од неколку повисоки згради, но тие имаат проблем со хидрофорите. Тетово во овој период има доволно вода за пиење поради што и зафатот на реката Пена кај месноста Лешница, некаде од почетокот на мај, е конзервиран и е ставен во мирување“, појаснува Шаќири.
З. АНДОНОВ