ТЕТОВСКОТО СЕЛО САРАЌИНО ПРЕД ЕДЕН МЕСЕЦ ДОБИ СОВРЕМЕНА ПУМПНА СТАНИЦА, НО ПАК НЕМА ДОВОЛНО ВОДА ЗА ПИЕЊЕ

    ТЕТОВСКОТО СЕЛО САРАЌИНО ПРЕД ЕДЕН МЕСЕЦ ДОБИ СОВРЕМЕНА ПУМПНА СТАНИЦА, НО ПАК НЕМА ДОВОЛНО ВОДА ЗА ПИЕЊЕОд „Водовод и канализација“ велат системот знае да се исклучи ако има поголема потрошувачка од предвидениот капацитет на пумпата. (Фото: СДК.МК)

    Не помина ниту еден месец откако жителите на тетовското село Сараќино добија современа пумпна станица за снабдување со вода за пиење, a тие повторно имаат проблеми со нејзин недостаток. Велат дека најверојатно некој си „игра“ со пумпната станица, па некои денови имаат вода во изобилие, а потоа може и цела недела да се без вода. Ова најмногу го чувствуваат домаќинствата кои немаат вградено хидрофори.

    Водоснабдувањето е нередовно. Не може една недела да имаме вода, па два дена, па и цела недела да немаме, а потоа да ја има во изобилство. Треба да се стави некој надзор и да се утврди кој го прави ова. Некој си игра со водата“, велат жителите на Сараќино.

    Во „Водовод и канализација“ при ЈКП „Тетово“, под чија надлежност е и пумпната станица во село Фалише од каде со вода се снабдува и Сараќино, велат дека овој проблем се јавува затоа што новата станица црпи вода од подземни извори, па системот знае да се исклучи ако има поголема потрошувачка од предвидениот капацитет на пумпата.

    Проблемот е во големата потрошувачка, поради која системот се загрева и автоматски се исклучува, па потоа мора да го рестартираме за повторно да биде ставен во функција. Правиме обиди системот да не се загрева. Не би имало проблеми доколку водата се користи само за пиење. Сега се користи и за наводнување и затоа се јавуваат овие проблеми. Затоа апелираме водата рационално да се користи и тоа само за пиење“, изјави Љуљзим Шаќири, раководител на „Водовод и канализација“.

    Оваа пумпна станица беше пуштена во употреба на почетокот на минатиот месец. Тетовските општинари тогаш се пофалија дека станува збор за една од најсовремените пумпни станици во Тетовскиот Регион, која за овие два села обезбедува 15-20 литри вода во секунда.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира