ВОЗДУХОТ ВО ТЕТОВО И НАТАМУ Е ЗАГАДЕН, АМА ПОМАЛКУ ОД ИЗМИНАТИТЕ ГОДИНИ

    ВОЗДУХОТ ВО ТЕТОВО И НАТАМУ Е ЗАГАДЕН, АМА ПОМАЛКУ ОД ИЗМИНАТИТЕ ГОДИНИВо Тетово лани имало 89 денови со загаден воздух (Фото: СДК.МК)

    Тетово повеќе години беше на врвот на листите на градови со најзагаден воздух не само во Македонија, туку и на светско ниво. Последниве години градот постепено го губи тој неславен примат, но далеку од тоа дека тетовци дишат чист воздух.

    Месечните извештаи на Државниот автоматски мониторинг систем за квалитетот на амбиенталниот воздух покажуваат дека и во 2023 во Тетово имало повеќе денови со загаден воздух од дозволениот број. Светските здравствени стандарди кажуваат дека граничната вредност од 50 ПМ10 на кубен метар не треба да биде присутна повеќе од 35 денови во годината, но во Тетово лани имало 89 вакви денови.

    Сепак, и оваа бројка е подобра во споредба со претходните години: во 2022 имало 108, во 2021 – 132, а во 2020 дури 138 денови кога тетовци дишеле загаден воздух. Но, и ова не е така „страшно“ ако се спореди со 2015 година, кога 350 денови имало присуство на ПМ10 честички над дозволената граница, што значи дека тетовци само 16 денови дишеле чист воздух.

    Д-р Ратко Давидовски од Центарот за јавно здравје во Тетово смета дека иако во 2023 имало помалку денови со загаден воздух, не треба да бидеме целосно задоволни со ваквата состојба.

    „Не постои минимална концентрација на ПМ10 честички која е поволна по здравјето. И најмалите концентрации се штетни за човечкиот организам. Ние сега треба да се бориме да имаме уште почист воздух, како во земјите од Европска Унија, каде што прагот на штетните ПМ10 честички е поставен на 25 на кубен метар, наместо на 50 како кај нас. Се гледа дека во зимските месеци има највисоко аерозагадување. Тоа е поради тоа што и понатаму греењето на дрва е најзастапено кај домаќинствата. Најмногу денови со загаден воздух има во јануари, февруари, ноември и декември. Сепак, во изминатите години се презедоа повеќе мерки и активности, па многумина почнаа за затоплување да користат климауреди или пелети. Во Тетово се посадија и многу дрвја, имаме подобрување, но не смее општеството да запре, туку да продолжи да се бори за уште поквалитетен воздух“, изјави Давидовски.

    Затворањето на ХЕК „Југохром“ во голема мера придонесе за намалување на загаденоста на воздухот во градот, но некои производствени објекти и натаму користат неадекватни горива или немаат поставено филтри на оџаците.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира