Правда и конечно наоѓање и казнување на сите виновници за неколкуте големи трагедии кои се случија во изминатиот период во зејава, побараа тетовци на денешниот протест, кој почна на плоштадот, а потоа маршираа до Основниот суд во Тетово. Протестот беше организиран од тетовските средношколци и студенти обединети во иницијативата „Нула толеранција за неправдата“, а беше поддржан и од повеќе граѓани од Тетово и околните места.
„Денес протестираме заедно против неправдите, против институциите кои го предадоа граѓанинот, против еден систем што нѐ разочара и нѐ убива секој ден. Ова е морално и функционално уништување на државата, изградена врз корупција и незаконитост. Затоа ние нема да молчиме. Нула толеранција кон корупцијата и организираниот криминал“, рече Бленди Ходаи од иницијативата „Нула толеранција за неправдата“.
Говорниците на протестниот собир побараа до крај да се истражи и да се утврди вината на сите инволвирани за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани во која загинаа 59 лица, а над 200 се повредени. Зборуваа и неколку роднини на загинатите во пожарот во модуларната болница во Тетово и сообраќајните несреќи на „Беса транс“ и „Дурмо турс“ и беше побарано овие случаи повторно да се отворат и да се утврдат и да се казнат вистинските виновници.
На вонредна седница на Советот на Општина Тетово, која се одржа попладнево, советниците донесоа одлука за финансиска помош во висина од 1.200.000 денари (околу 19.400 евра) за семејствата на настраданите и повредените во Кочани.
Денеска, градоначалникот на Тетово Билал Касами издаде наредба за вонреден инспекциски надзор на територијата на Општина Тетово, во кој општинските инспектори ќе вршат инспекциски надзори во објекти од јавен интерес, јавните установи со зголемена фреквенција на граѓани, вклучувајќи ги тука и трговски центри, верски објекти, хотели, угостителски објекти и игротеките за деца.
Попладнево на градскиот стадион во Тетово ќе се одржи првенствен натпревар помеѓу женската фудбалска екипа на „Љуботен“ и ЖФК Тиверија Брера.
Приходот од продадените билети ќе биде дониран за семејствата на од загинатите и повредените во пожарот во дискотеката во Кочани.
З. АНДОНОВ