ТЕТОВЦИ СЀ УШТЕ ГИ ЧЕКААТ АВТОБУСИТЕ ЗА ЈАВЕН ГРАДСКИ ПРЕВОЗ

    ТЕТОВЦИ СЀ УШТЕ ГИ ЧЕКААТ АВТОБУСИТЕ ЗА ЈАВЕН ГРАДСКИ ПРЕВОЗПревозот со комби возила е единствен вид на градски превоз во Тетово. (Фото: СДК.МК)

    Во јануари 2016 година кога Тетово бележеше енормно високи вредности на ПМ10 честички во воздухот, општинските власти на градот најавија неколку мерки со кои се настојуваше да се намали загаденоста на воздухот. Една од тие мерки беше и формирање Јавно претпријатие за превоз на патници со цел да се намали загадувањето што го создаваат автомобилите и граѓаните за превоз повеќе да го користат јавниот транспорт.

    Иако е еден од најголемите градови во Македонија, Тетово сè уште нема јавен градски превоз. На седница на Советот на општината која се одржа во февруари 2016 беа изгласани Надзорниот и Управниот одбор на идното Јавно претпријатие за јавен превоз „Тетово транспорт“. Тогаш беше речено дека Јавното претпријатие ќе започне со работа во текот на 2016 кога се очекува од Министерството за транспорт и врски да се добијат неколку автобуси со кои ќе се обавува јавниот превоз во градот. Поминаа неколку месеци, но бараните автобуси ги немаше.

    „Нашето барање е испратено до Министерството за транспорт и врски, а потоа и до Владата на РМ, но досега немаме добиено одговор. Но без разлика на тој факт ние го формиравме Бордот на Јавното претпријатие и јас мислам дека треба да да бидеме поддржани во ова наше барање бидејќи Тетово е вториот град по големина во РМ, а градот нема јавен сообраќај. Би било коректно, како со примерот на град Скопје, така и Тетово да добие ваква поддршка од Владата“ изјави тогаш градоначалничката на општина Тетово Теута Арифи.

    Од таа нејзина изјава помина цела една година, а од јавниот превоз во градот нема ниту трага ни глас. Ветените автобуси ги нема, а со тоа Тетово сеуште нема јавен превоз.
    Наспроти изјавите на градоначалничката дека до Министерството за транспорт и врски е испратено барање за добивање авторбуси, оттаму соопштуваат дека не располагаат со документ со кој општина Тетово бара донација од автобуси за јавен градски превоз. Од Министерството исто така велат дека министерството не располага со автобуси и нема надлежност да донира автобуси на единиците на локалната самоуправа.

    „Ние имаме доставено такво барање и тоа е заведено во нашата архива. Ако сакаат и ќе им го доставиме на Министерството повторно. За нас не е проблем да направиме испратиме едно барање и тоа го направивме“ ни изјави Армен Фејзиу од секторот за односи со јавноста на општина Тетово.
    Идејата за воведување на јавен градски превоз во градот колку и да изгледа добра, поради многу специфики на тетовските градски сообраќајници, не е така лесно и да се оствари. Тесните улици, непостоењето на трета сообраќајна лента и многуте паркирани возила по улиците можат да продонесат јавниот превоз во градот со големи автобуси да не може да функционира така како е замислен.

    „Сообраќајот во градот може да се регулира но треба да се применат квалитетни мерки. За непречено движење на возилата по главните градски сообраќајници потребно е да се забрани паркирање на возила по нив. Секако прво треба да се направат доволен број паркинзи или катни гаражи. Градот треба да воведе јавен превоз, но не со некои стари автобуси кои дополнително би го загадувале воздухот, туку најдобро би било тоа да се електрични автобуси или пак тролебуси. Потребно е исто така да се направат обиколници околу градот за тешките товарни возила да не транзитираат низ градските улици како што сега е случајот за сообраќајот по нив се одвива побрзо и без застои“, објаснува универзитетскиот професор Вулнет Палоши.

    Всушност Тетово и има еден вид градски превоз а тоа е превозот со комби возила. Нивната релација во најголемиот дел се одвива од центарот па до комплексот на Универзитети на излезот од градот кон Гостивар. Но, овде станува збор за „диви“ превозници кои немаат лиценца па работа. Тие се паркираат каде што ќе најдат место и често создаваат метеж во сообраќајот, немаат редовни постојки каде застануваат, не плаќаат никакви придонеси на општината за транспортот што го обавуваат. Од општината велат дека наскоро ќе се регулира и овој вид транспорт, но и тоа, како и многу други работи, засега останува само на ветување за некое идно време.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира