ТОНИ КОЊАНОВСКИ ОД ВМРО-ДПМНЕ НОВ ГРАДОНАЧАЛНИК НА БИТОЛА, РЕЧЕ „ДА ГИ ЗАКОПАМЕ СЕКИРИТЕ“

    ТОНИ КОЊАНОВСКИ ОД ВМРО-ДПМНЕ НОВ ГРАДОНАЧАЛНИК НА БИТОЛА, РЕЧЕ „ДА ГИ ЗАКОПАМЕ СЕКИРИТЕ“„Да ги закопаме секирите, подавам рака кон секоја за подобра Битола“, рече Коњановски. (Фото: СДК.МК)

    Со зурли, тапани и комитски песни членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ во Битола ја слават победата на нивниот кандидат Тони Коњановски за градоначалник. Спред резултатите од ДИК, од 120 обработени гласачки места од вкупно 170, Коњановски има водство од 2.000 гласа пред кандидатот на СДСМ и коалицијата Христо Кондовски. Според аналитичките извештаи на ВМРО-ДПМНЕ, разликата е околу 2.600 гласови , односно 24.211 глас за Коњановски и 21.529 за Кондовски.

    Новиот градоначалник на Битола  рече „да ги закопаме секирите, подавам рака кон секого за подобра Битола“.

    „Битола, огромно благодарам за огромната поддршка, за оние кои храбро и гордо одолеаја на притисоците, го дадоа својот глас за подобра Битола. Битола оодбра промена и проекти. Ги повикувам сите граѓани да ја дадат својата поддршка на она што од утре нè очекува, а тоа е многу работа. Битола да ја направиме подобро место за живеење на сите нас, за нашите деца и нашата иднина. Да ги закопаме секирите и да тргнеме заедно кон нови победи, градот да го добие тоа што го заслужува“, рече Коњановски.

    Запрашан како планира да го оствари советничкото мнозинство, зашто ВМРО-ДПМНЕ има 13, а СДСМ 11 советници, и со кого од помалите советнички групи и партии ќе коалицира, рече дека ќе го спои и неспоивото.

    „Мој мотив да влезам во оваа битка е можеби да го спојам и неспоивото. Ги повикувам сите да дадат поддршка за опцијата пред која застанувам и за мене како човек. Со заеднички проекти да ја направиме Битола подобро место. Ќе се обидам да ги спојам сите, од срце ја подавам раката кон сите“, рече тој.

    На прашањето што ќе преземе за аерозагадувањето, рече дека РЕК живее со Битола и Битола со РЕК.

    „Нè чека можеби тешка зима, она што го имам како информации, состојбата не е баш најдобра со количините на јаглен на депонија, но ќе направиме сè да пребродиме. Ја повикувам и централната власт да размисли за Битола и Македонија”, рече новиот градоначалник.

    Најави дека ќе започнат со реализација на проектите за топлификација и гасификација кои биле прекинати во 2017 година од сегашната власт.

    По само четири години, СДСМ упеа да ја загуби локалната власт во Битола , која претходно во три мандати ја имаше ВМРО-ДПМНЕ.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира