ТОПЛОВОДОТ ОД РЕК ЗА ЕДНА ГОДИНА СТИГНА ВО БИТОЛА, ПАРНО ЌЕ ИМА ВО 2025

    ТОПЛОВОДОТ ОД РЕК ЗА ЕДНА ГОДИНА СТИГНА ВО БИТОЛА, ПАРНО ЌЕ ИМА ВО 2025Ова е прва од трите фази за изградба на топловодот, во која се поставуваат главните цевки. (Фото: СДК.МК)

    За една година цевките кои ќе пренесуваат топлинска енергија од РЕК стигнаа до Битола. Директорот на ДООЕЛ „Топловод“ Горан Козаров рече дека цевките влегуваат во Битола и дека топловодната гранка од РЕК е стигната на дванаесетиот километар од трасата, односно во близина на локацијата каде ќе биде кулата за дотоплување на водата на влезот од Битола.

    Ова е прва од трите фази за изградба на топловодот, во која се поставуваат главните цевки. Втората фаза ќе подразбира изградба на градската мрежа и разводните шахти, а потоа ќе се градат одземач и култата за дотоплување на водата.

    „Во 2025  треба да бидат приклучени 37 објекти од градот и граѓаните да го почувствуваат бенефитот од топлификацијата. Топловодот ќе биде разграден на две гранки, едната по улица Иван Милутиновиќ, а другата по Партизанска. Предвидени за приклучување се 37 објекти, тоа се државни институции, судови, полиција, училишта, градинки, болницата, одредени загадувачи и објекти кои прават трансмисија на огромни количества на гасови и загревањето на тие институции чини многу пари. Бенефитот ќе го почуствуваат  прво тие, а потоа е предвидено мрежата да се разгранува низ градот, да се пројави интерес за колективните затоплувања каде има постоечки котлари“, рече Козаров.

    Кога ќе се поставува мрежата низ градот ќе мора да се ископаат некои од улиците или тротоари, но потоа ќе бидат вратени во првобитна положба, за што се обезбедени финансиски средства. Во битолска „Топлификација“, која е новоформиран ДOOEЛ при ЕСМ, засега е ангажиран само управителот, но претпријатието како што ќе се реализира проектот така ќе се проширува, за на крај да биде самоодржливо и да не троши туѓи пари.

    Топлификацијата на Битола од РЕК е желба на битолчани стара 40 години, откако е изграден Комбинатот, а ова се смета за еден од најкрупните проекти во последните години.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира