„ТРАНСПОРТЕР“ ГО УРНИСА МЕДИЦИНСКОТО УЧИЛИШТЕ ВО БИТОЛА

    „ТРАНСПОРТЕР“ ГО УРНИСА МЕДИЦИНСКОТО УЧИЛИШТЕ ВО БИТОЛАЕксдиректорката на средното Медицинско училиште „Д-р Јован Калаузи“ Јасмина Ниќиќ Десановска е меѓу 22 обвинети за злоупотреби на школскиот превоз за сума од 360.000 евра во случајот „Транспортер“, каде првообвенет е ексградоначалникот Владимир Талески (Фото: СДК.МК)

    Скршено прозорско стакло крпено со верски календари, е  само најава за она што следува во внатрешноста на средното Медицинско училиште „Д-р Јован Калаузи“, каде со години на, сѐ до пред неколку дена, директоруваше Јасмина Ниќиќ Десановска, една од обвинетите во случајот на СЈО „Транспортер“. Скоро сите врати од училниците се извадени, искршени и немаат брави и кваки. Најголемиот дел не се затвораат, а некои за да има настава се потпираат со столчиња од надворешната страна, што значи откако ќе започне часот некој треба однадвор да го турне столчето. Во други училници бидејќи постоечката врата не се затвора, од внатрешната страна се потпираат стари и дотраени врати од некогаш.

    Низ училниците подот и ѕидовите се со дупки, дел од столчињата искршени, компјутерите и  парно греачите оштетени, завесите провиснати, дел од таваните со влага, на сите страни прашина. Важно е дека има камери низ училниците и ходниците и дека над таблите  е испишан патриотскиот стих: „Голем срам е за тебе Македонијо, другите да те знаат, сама да не се знаеш!“

    Ексдиректорката  Јасмина Ниќиќ Десановска е меѓу 22 обвинети за злоупотреби на школскиот превоз за сума од 360.000 евра во случајот „Транспортер“, каде првообвенет е ексградоначалникот Владимир Талески. Првото рочиште за овој случај на 28 септември беше одложено, зашто Ниќиќ Десановска беше спречена да пристигне поради сообраќајна несреќа на патот Битола-Скопје. Таа си го зачувала претходното работно место, па по директорувањето ќе биде професорка во истото училиште.

    Во скапаното училиште има камери низ училниците и ходниците, а над таблите е испишан патриотскиот стих: „Голем срам е за тебе Македонијо, другите да те знаат, сама да не се знаеш!“ (Фото: СДК.МК)

    Школотото пред новинарските екипи денес го отвори новата в.д. директорка Билјана Кокалевска, за да ја запознае јавноста со состојбит и да побара помош од институции и претпријатија да помогнат во средување на училниците за да може нормално да се одвива наставата.

    „Сметката на школото е блокирана седум години  и поради тоа немаме нормални услови за работа и бараме помош да ни се овозможат барем основни средства за работа. Сето тоа се должи на долгот на училиштето кој изнесува околу 35 милиони денари или повеќе од 570.000 евра. Поради тоа, оневозможени ни се секакви активности. Но, вложуваме натчовечки напори ова да го санираме“, изјави Кокалевска.

    Таа ќе побара да се направи ревизија на работењето на училиштето во изминатиот период. Најголем дел од вкупниот долг отпаѓа на тужби, а тужеле и транспортни претпријатија кои превезувале ученици, како и напластени сметки за вода, струја и други давачи.

    „Уште првиот ден кога ја презедовме должноста се соочивме со тотален хаос, односно со колапс на системот за греење. Потегнавме лични врски и контакти и екипи веќе цела недела работат да го санираат тој проблем. Успеваат до некаде. Но, тоа не е сѐ, има уште многу други работи кои треба да се поправат“, вели директорката.

    Во школото учат 940 ученици, ова до пред неколку години беше едно од најелитните училишта во градот каде се запишуваа само одлични ученици со сите петки. Но, во изминатите години по барање на школото, а со дозвола на Министерството за образование се одобри да се запишуваат и ученици со послаб успех.

    „Ситуацијата во школото се должи веројатно на недомаќинското однесување“, рече Ема Куќа , професор по ликовна уметност.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира