Демократската партија на Албанците бара во рок од 22 дена по завршувањето на вонредната состојба да се одржат изборите. Лидерот на ДПА Мендух Тачи на денешната прес-конференција рече дека ова што ни се случува не е поради тоа што граѓаните не се дисциплинирани, туку поради нефункционирањето на институциите.
„Ние имаме став. Откако ќе се укине вонредната состојба да продолжат изборните рокови и за 22 дена навистина да имаме избори. Ова се однесува особено на нас Албанците, затоа што имаме една партија која е етаблирана 99 отсто на власт, тоа е ДУИ и која воопшто не е заинтересирана и не функционира институционално, почнувајчќи од трагикомичната слика на Бујар Османи, кој претпладне едно збори, навечер самиот се демантира, па до локалната власт, посебно во Тетово, која заслужува нобелова награда за здравство, затоа што нѐ потценува кога со вода од реката чисти 2-3 улици и вика дека нѐ дезинфицирала. Навистина мислам дека треба да одиме на избори за да се заврши ова глумење на политичките сили дека имаме јака и функционална влада и институции. Продолжувањето на ваквата состојба може да нѐ доведе до агонија во која сите еден со друг ќе се обвинуваме“, изјави Тачи.
Според Тачи, калкулациите што политички структури ги направија за време на празникот Бајрам беа само да се добијат политички поени.
З. АНДОНОВ