ТРИ ДЕНА НЕМА АВТОБУСИ ВО СКОПСКИ ХРОМ, НЕМА КАДЕ ДА ВРТАТ ОТИ НА УЛИЦАТА ИМА ДУПКА ЗА ПРИКЛУЧОЦИ ЗА НОВА ЗГРАДА 

    ТРИ ДЕНА НЕМА АВТОБУСИ ВО СКОПСКИ ХРОМ, НЕМА КАДЕ ДА ВРТАТ ОТИ НА УЛИЦАТА ИМА ДУПКА ЗА ПРИКЛУЧОЦИ ЗА НОВА ЗГРАДА Возачите на автобусите со број 4 ни рекоа дека немаат друго место во населбата за вртење и паркирање на автобусот и затоа воопшто не влегуваат. (Фото: СДК.МК)

    Три дена нема автобуси во скопската населба Хром оти улицата е раскопана и има дупка за приклучоци на зграда која се гради, па автобусите не можат да се движат. Во Хром минува само автобуската линија број 4.

    На последната станица на линијата на улицата Веле Марков се гради една од многуте згради во населбата и сега тој дел е раскопан за поврзување на прикличоци на водоводна и канализациона мрежа. Автобусот треба да врти на делот каде што има голема дупка и механизација. Поради тоа што не може да сврти од дупката, автобуси воопшто не влегуваат во населбата. Сообраќајот е до кружниот тек на влезот на Општина Ѓорче Петров кај „КАМ мол“.

    Возачите на автобусите со број 4 ни рекоа дека немаат друго место во населбата за вртење и паркирање на автобусот и затоа воопшто не влегуваат.

    „Нема како и каде да свртиме, цела населба е блокирана од коли и нови згради, нема друго место. На местото на последна 4-ка сега има голема дупка, ќе ни пропаднат автобусите, каде да вртиме. Не е до нас, кога ќе ја затворат дупката ќе почнеме да возиме“, ни рекоа возачите на автобусите кои ги прашавме зошто три дена не возат во Хром.

    Директорот на ЈСП „Скопје“ Драги Кушовски ни рече дека ќе провери за што станува збор и ќе испрати екипи на терен за да се најде можност автобусите да се движат низ Хром.

    Актуелниот градоначалник на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојковски, кој вчера на Локалните избори доби и нов мандат, ни изјави дека не е запознаен со овој проблем, ќе провери за што станува збор и ќе инстистира да се најде друг начин за движење на автобусите.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира