Скопската полиција денеска поднесе кривична пријава против 14-годишен малолетник за сторено кривично дело Предизвикување општа опасност во врска со големиот пожар во Расадникот во скопската општина Кисела Вода на 3 септември. Според СВР Скопје, тој, заедно со уште две други помали деца, фрлале петарди и предизвикале пожар. Другите две деца немаат наполнето 14 години и не подлежат на кривична одговорност.
„На 06.09.2024 СВР Скопје до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против 14-годишен малолетник за сторено кривично дело Предизвикување општа опасност, предвидено и казниво по член 288 од Кривичниот законик (КЗ). Имено, пријавениот, заедно со уште две деца кои не наполниле 14 години и не подлежат на кривична одговорност, на 03.09.2024 околу 15 часот во местото викано Расадник, на територија на општина Кисела Вода во Скопје, фрлале пиротехнички средства кои претходно ги запалиле со запалка, по што се запалила сувата трева и настанал пожар кој зафатил површина од околу три хектари“, соопшти МВР.
Оттаму додаваат дека со брзата реакција на полициски службеници од СВР Скопје, во координација со други служби, пожарот е локализиран и спречено е настанување на штета од големи размери.
Расадникот во Кисела Вода е најголемата и последна зелена површина од тој размер која е на само 2 километра од центарот на Скопје. Пожарот зафати голема површина, а бидејќи брзо се ширеше стигна и близу зградите вдолж работ.
Општина Кисела Вода вчера ни изјави дека ќе врши засилени контроли на Расадникот за да се спречат нови пожари. По пожарот кој во вторникот изби и зафати голема површина на Расадникот, од Општината најавуваат дека нивните служби секој ден ќе патролираат околу просторот.
„Со цел да се обезбеди поголема заштита во Расадникот, Општина Кисела Вода планира засилени контроли од страна на општинските комунални редари и инспектори. Воедно, апелираме и до сите граѓани правилно и совесно да го одложуваат отпадот, исклучиво на места кои се предвидени за таа намена“, велат од Општина Кисела Вода.