ТРИ ГОДИНИ НЕПРАВОСИЛНА КАЗНА ЗАТВОР И ПЕТ ГОДИНИ ЗАБРАНА ЗА РАБОТА ДОБИ ГИНЕКОЛОГОТ МУХАМЕД АСАНИ КОЈ ЈА ОСТАВИ РОДИЛКАТА ВЕАПОСКА БЕЗ ТРИ ОРГАНИ

    ТРИ ГОДИНИ НЕПРАВОСИЛНА КАЗНА ЗАТВОР И ПЕТ ГОДИНИ ЗАБРАНА ЗА РАБОТА ДОБИ ГИНЕКОЛОГОТ МУХАМЕД АСАНИ КОЈ ЈА ОСТАВИ РОДИЛКАТА ВЕАПОСКА БЕЗ ТРИ ОРГАНИ„Синот на осудениот Асани, што учел врз мене, помина лесно“, забележа оштетената Веапоска за ослободителната пресуда за синот на струшкиот гинеколог што ја оштети и ѝ го загрози животот. (Фото: СДК.МК)

    Максимална казна од три години затвор за првообвинетиот гинеколог од Струшката болница Мухамед Асани, изрече денеска судијата Јордан Јованов во Основниот суд Струга, за случајот со родилката Јилдиз Веапоска од Дебар која при породувањето остана без јајник, бугрег и матка. Прогласувајќи го виновен, Судот денеска на Асани му изрече и дополнителна забрана за работа во траење од пет години.

    Казните се неправосилни, Асани има право да се жали до Апелациониот суд Битола.

    Според првостепената пресуда, обвинетиот Асани  покрај влошената здравствена состојба на родилката по царскиот рез, не направил дијагностика и ехо за настанатото  крварење што довело до  хеморагичен шок, кога непотребно ѝ биле извадени три здрави органи.

    „Судот обинетиот Мухамед Асани го прогласува за виновен, и му изрекува ефективна казна затвор во траање од  три години, која што е максимална предвидена казна за ова кривично дело, а по издржување на казната затвор му изрекува споредна казна забрана за вршење професија, дејност или должност во траење од 5 години“, кажа судијата.

    Второобвинетиот специјализант, неговиот син Блертон Асани, и гинекологот Лилјана Јованоска беа ослободени од обвинение.

    Јилдиз Веапоска по четири и пол години долгиот судски процес, е задоволна од казната, но смета дека вина има и неговиот син специјализант, кој присуствувал на царскиот рез.

    „Овие се солзи на неправда која пет години сум по овие судски врати. Пет години ја чекам правдата за едниот, Мухамед Асани да добие затворската казна, а другиот е неговиот син што учел врз мене да помине многу лесно“, вели Веапоска.

    Нејзиниот адвокат Сашо Јанев е задоволен од казната.

    „Добивме максимална казна како што предвидува законот, тоа не е момент за славење туку покажува дека правосудниот систем во земјава се опоравува и сум бескрајно задоволен од резултатот“, изјави Јанев.

    Судскиот процес со родилката од Дебар во кој првообвинетиот Мухамед Асани, лекар-специјалист гинеколог акушер е осуден за кривичното дело Тешки дела против здравјето на луѓето, почна во 2022 година.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира