Три години затвор доби момчето од Велес, кое нападна дете, а потоа и шестмина полицајци. 23-годишниот С. У. признал вина и е проглсен за виновен за две кривични дела, кои ги стори на 13 јуни.
За кривичното дело Насилство врз дете доби 18 месеци затвор а за Напад на службено лице при вршење на работи на безбедноста доби две години затвор или за двете дела му е изречена единствена казна затвор од три години. Момчето останува во притвор до правосилноста на пресудата, но не подолго од 60 дена.
С. У. делото го стори на 13 јуни околу 18 часот, на улицата Хаџи Косте во Велес. Тој физички нападнал осумгодишно девојче со метален предмет. Ја удрил по главата. Кога детето паднало, тој по земја ја влечел за коса. Шестмина полициски службеници пристигнале на местото, а обвинетиот им се заканувал дека ќе ги нападне со секира и тесла кои ги држел во рацете. Со опасните орудија започнал да се приближува кон полицајците и не застанувал на дадените наредби да запре, по што полициските службеници испукале два предупредувачки куршума во воздух.
Насилникот избегал, а полицајците уште два пати пукале во воздух. Беше недостапен два дена.
С. У. беше осуден како малолетник на шест години затвор за напад на јапонски туристи кај Катланово на 1 мај 2018.
П. ПЕЧКОВ