ТРИ ИЛЈАДИ ЖИТЕЛИ ОД ВЕЛЕШКО БЕЗ ВОДА ЗА ПИЕЊЕ, ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ВЕЛИ ЈА ТРОШАТ ЗА ПОЛЕВАЊЕ

    ТРИ ИЛЈАДИ ЖИТЕЛИ ОД ВЕЛЕШКО БЕЗ ВОДА ЗА ПИЕЊЕ, ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ВЕЛИ ЈА ТРОШАТ ЗА ПОЛЕВАЊЕТочно е дека водоводната линија е проблематична, но до јуни немаше недостиг иако пумпите работеа само 8 часа. Сега работат 24 часа, а вода нема - градоначалникот на Велес Славчо Чадиев

    Десетина дена жителите на велешката приградска населба Горно Оризари се жалат дека немаат вода за пиење. Реагираат дека околу три илјади луѓе се без елементарни услови за живеење.

    „Ова што се случува  во населбата на 40 степени во сенка е елементарна непогода“, велат жителите со кои разговаравме. Тие се жалат дека немале вода ни во тек на Бајрамските празнувања, ниту сега. „Ќе добиеме некоја заразна болест,  тешко се  одржува хигиена“, велат тие и додаваат дека ако некој краде вода или ја троши ненаменски, треба него да го казнат, а не сите да страдаат поради поединци.

    Градоначалникот на Општина Велес Славчо Чадиев потврдува дека населбата и  жителите го имаат овој проблем, но вели дека локалните власти работат тој да се отстрани. Тој тврди дека водата по празникот дошла.

    „Имаше два сериозни дефекти на водоводната мрежа која од филтерната станица води преку   Превалец до  Горно Оризари. Тоа беа огромни дефекти“, вели Чадиев.

    Но тој тврди дека за населбата е карактеристично дека од септември до  јуни, пумпите работат по 8 часа на ден и ги задоволуваат потребите  на жителите.  Во лето, кога има проблем пумпите работат 24 часа.

    „Тоа значи дека водата се користи за полевање.  За празникот  Рамазан испративме екипи таму и наеднаш дојде водата.  Точно е дека водоводната линија е проблематична.  Работиме проект кој е вреден 14 милиони денари и со него ќе се реши проблемот“, рече градоначалникот Чадиев.

     

    П.ПЕЧКОВ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира