Во Специјализираната болница за кардиоваскуларни заболувања „Свети Стефан“ во Охрид започна примената на нова современа метода за третман на периферна артериска болест, со користење на системот џетстрим артектоми (Jetstream Atherectomy). Станува збор за механичка ротациона атеректомија, минимално инвазивна процедура наменета за третман на сериозно калцифицирани крвни садови која за првпат во земјава успешно беше изведена кај тројца пациенти.
Кардиологот д-р Дејан Манчески истакна дека ова претставува значаен исчекор во третманот на овие пациенти.
„Оваа процедура за првпат се воведува во Македонија. Кај голем дел од пациентите има изразена калцификација на периферните артерии, а новата метода овозможува поефикасно и побезбедно лекување. Почнавме со три пациенти, а целта е таа да стане редовна пракса“, изјави Манчески.
Интервентниот кардиолог доц. д-р Владимир Цветиќ рече дека оваа модерна процедура ретко се применува во регионот.
„Станува збор за напредна процедура која не е достапна во сите европски центри. Особено ми е драго што се воведува во Охрид и очекувам да стане стандард во третманот, со значителен бенефит за пациентите“, кажа Цветиќ.
Директорката на Болницата д-р Билјана Теговска вели дека новата техника значително ќе го унапреди квалитетот на здравствените услуги.
„Со оваа метода се намалува потребата од класични хируршки зафати, се подобрува квалитетот на живот и се спречува појава на инвалидитет. За 2026 се одобрени пет нови процедури со вкупно 40 интервенции, со обезбеден буџет од шест милиони денари“, изјави Теговска.
Во текот на годинава, методата ќе се примени кај најмалку седум пациенти, а се очекува бројот постепено да се зголемува.
С. ВРЕНЦОВСКА



