Вчеравечер за четири часа се случија три сообраќајки на автопатот кај Велес, во кои има петмина повредени. Поради сериозноста на повредите, тројца се пренесени во Клинички центар во Скопје. Сите повредени се странски државјани.
„Во текот на вечерта имавме три интервенции за сообраќајки на автопатот во близина на Велес. Во првата имаше жена со повреда на главата и повредено дете. Во втората беше лице на мотор со скршница на нога и третата сообраќајка беше после полноќ со повредени две лица. На сите им е дадена неопходна помош и се префрлени во Ургентен центар во Велешка болница, сите се странци“, кажа д-р Василка Пановска, началничка на службата за Итна помош при ЈЗУ Здравствен дом.
Државјанка на Србија со повреди на главата е пренесена во Клинички центар, а детето е задржано во Велешка болница. Во Велес е задржан и моторџијата од Бугарија, кај кого е констатирана скршеница на нога. Двајца косовски државјани поради тежината на повредите се пренесени во Клинички во Скопје.
„Синоќа околу 19:30 часот, во СВР Велес е пријавено дека на делницата од автопатот Велес-Неготино, поточно после клучката Велес, патничко возило ‘фолксваген поло‘ со српски регистарски ознаки, управувано од Т. С. (42) од Србија, излетало од коловозот, при што со телесни повреди се здобил нејзиниот малолетен сопатник од Србија. Околу 22 часот на делницата од автопатот А1, во правец од Велес кон Градско, пред клучката Градско, Е. М. Г. (53) од Бугарија, кој управувал мотоцикл ‘сузуки‘ со бугарски национални ознаки, изгубил контрола над моторот и паднал на коловозот. Околу два часот по полноќ, на делницата од автопатот А1, во правец од Велес кон Скопје, односно пред приклучокот од Велес кон Скопје, патничко возило ‘фолксваген ти-рок‘, управувано од Ф. Ф. (32) од Косово, излетало од коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле возачот и неговиот сопатник Ф. М. (25 год) од Косово“, соопшти Биљана Ѓаковска, портпаролка на СВР Велес.
Таа додаде дека вчеравечер се случила и четврта сообраќајка, на територијата на Кавадарци, каде што две лица се здобиле со тешки телесни повреди.
„На 14.06.2025 во 21 часот, во полициската станица Кавадарци е пријавено дека на регионалниот пат Кавадарци-Дреново се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило ‘пежо‘ со кавадаречки регистарски ознаки, управувано од В. Д. (68) од село Сирково, Општина Росоман и трактор со кавадаречки регистарски ознаки, управуван од Т. Б. (67) од село Дреново. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле двајцата возачи, констатираа во Општата болница Кавадарци“, додаде Ѓаковска.
Вчера освен докторите, бројни интервенции имале и велешките пожарникари. Тие од 11:30 до 18:30 часот интервенирале во локализирање на четири пожари.
П. ПЕЧКОВ