Општина Охрид за тридневната прослава за дочекот на Нова година на градскиот Плоштад „Свети Климент Охридски“ потроши околу 19.000 евра за поставување бина, озвучување, осветлување и поголем дел за хонорари за музичарите кои настапија во празничната програма, Каролина Гочева, Наум Петрески, Пајак, охридската група „Тејк фајв“, и диџеите Гец и Фејс.
На 30 декември на градскиот плоштад се одржа стендап шоу „2 Мадрс брадрс“ на Никола Тодороски и Стрезо Стаматоски, а на 1 јануари имаше дневна забава со Сара Мејс и групата „Балканикос бенд“. Новогодишната програма оваа година го вклучи и проектот „Охридска новогодишна приказна“, кој започна на 24 декември и имаше 20 забавни настани посветени на децата.
Украсувањето беше со реквизити од минатите години, но беа одвоени и дополнителни 1.400.000 денари (околу 23.000 евра) за набавка на нови со што се надополни новогодишниот празничен изглед. По теркот на европските градови, годинава на двата охридски плоштади имаше и новогодишни базари за посетителите.
Голем број туристи од земјава и странство дојдоа во Охрид за време на новогодишните празници, а најбројни покрај домашните беа Бугарите, Србите и Турците. За многумина од нив, годинешната новогодишна прослава беше една од најдобрите организирана од Општина Охрид.
Во Струга немаше организиран дочек на Нова година, а Општината вкупно потроши 2.490.000 денари (околу 40.000 евра) од кои за украсување на градот Општината издвои 2 милиони денари (околу 32.000 евра), а според програмата која ја усвои Советот предвидени беа и дополнителни трошоци.
За Дедо Мраз и маршутата, се обезбедија 40 килограми бомбони и украсни новогодишни реквизити во вкупна вредност од 15 илјади денари. Според Програмата, се потрошија и 45.000 денари за првите три новороденчиња, на кои им се доделија штедни книши од по 15.000 денари, 10.000 денари за најубаво украсена куќа, 300.000 денари за новогодишни пакетчиња за деца од социјално загрозени семејства, деца со попреченост и за децата на вработените во општинската администрација.
- ОПШТИНА ЦЕНТАР ЗА НОВА ГОДИНА ПОТРОШИ 65.000, А ОПШТИНА КИСЕЛА ВОДА 47.000 ЕВРА, ГРАД СКОПЈЕ НЕ КАЖУВА КОЛКУ ЧИНЕА ПРОСЛАВИТЕ И УКРАСУВАЊЕТО
- „ЗИМСКАТА ПРИКАЗНА“ ВО БИТОЛА ЧИНЕШЕ НАД 100.000 ЕВРА, ЛОКАЛНАТА ВЛАСТ ВЕЛИ ДЕКА ИМАЛО НАД 50.000 ПОСЕТИТЕЛИ МЕЃУ КОИ И ОД ГРЦИЈА
- „НЕКСТ ТАЈМ“ СО ХОНОРАР ОД 5.500 ЕВРА СЕ НАЈПЛАТЕНИ МУЗИЧАРИ НА „ЗИМСКАТА ПРИКАЗНА“ ВО БИТОЛА
- ТРИ ГРУПИ СВИРЕА БЕСПЛАТНО ЗА ДОЧЕКОТ НА НОВА ГОДИНА ВО ШТИП, ОПШТИНАТА ЌЕ ИМ ДАДЕ БЛАГОДАРНИЦИ, 16.000 ЕВРА ЧИНЕШЕ ЦЕЛАТА ПРАЗНИЧНА ПРОГРАМА СО 20 МУЗИЧАРИ
- ОПШТИНА КУМАНОВО ПОТРОШИ 20.000 ЕВРА ЗА ДВА ДЕНА НОВОГОДИШНА ПРОГРАМА
С. ВРЕНЦОВСКА