Трската и синоќа гореше кај Подмолје на охридскиот дел од брегот на езерото. Ова се случува во континуитет повеќе од две недели и засега никој не одговарал за опожарувањето на трските.
Од охридската полицијата претходно најавија дека ќе бидат формирани мешани патроли на СВР-Охрид и од шумската полиција. Патролите се веќе на терен, но имаат проблем во даден момент да го покријат целото подрачје. Пироманите многу брзо менуваат локацијата каде што подметнуваат пожар.
„Луѓето се на терен и секој што ќе биде откриен во вршење на недозволени активности ќе биде санкциониран според позитивните законски прописи“, ни изјави портпаролот на СВР-Охрид Стефан Димоски.
Д. ЧУБРИЌ