ТРУД ЗА БОРО ЏОНИ ОД БОГДАНЦИ, КОЈ БИЛ МАЧЕН ОД БУГАРСКИТЕ ФАШИСТИЧКИ ВЛАСТИ ВО 1943, ГИ ВОЗНЕМИРИ БУГАРСКИТЕ НАУЧНИЦИ НА КОНФЕРЕНЦИЈАТА ВО ШТИП

    ТРУД ЗА БОРО ЏОНИ ОД БОГДАНЦИ, КОЈ БИЛ МАЧЕН ОД БУГАРСКИТЕ ФАШИСТИЧКИ ВЛАСТИ ВО 1943, ГИ ВОЗНЕМИРИ БУГАРСКИТЕ НАУЧНИЦИ НА КОНФЕРЕНЦИЈАТА ВО ШТИПВо книгата што ја издава Институтот за историја и археологија при Факултетот за образовни науки во Штип беа најавени 36 научни трудови од исто толку научни работници, историчари и археолози од Русија, Бугарија и Македонија. (Фото: СДК.МК)

    Животот и делото на Борис Џонов-Џони, кој целиот свој живот го посветил на борбата за национална слобода и обединување на македонскиот народ, е тема на научниот труд на професор Ѓорѓи Чакарјаневски од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) од Скопје, кој деновиве беше претставен на Првата научна конференција на тема „Македонија – Крстопат на епохи, цивилизации и култури“ во Штип.

    Делото на Џони е од непроценливо значење за македонската историографија, пишува Чакарјаневски. Во своето научно истражување што го имал подолго време, тој се задржува на еден пример за суровоста на бугарските, како што стои во книгата, „нацифашистички администратори“.

    Во книгата што ја издава Институтот за историја и археологија при Факултетот за образовни науки во Штип беа најавени 36 научни трудови од исто толку научни работници, историчари и археолози од Русија, Бугарија и Македонија.

    Боро Џони бил роден во 1913 во Богданци, а образованието го продолжил во Загреб каде успеал сам да си обезбеди средства за студирање. За време на престојот во Загреб се случило во неговиот стан да живее и Коста Рацин со кого биле членови на напредното студентско движење, друштвото „Вардар“ и весникот „Наш весник“. Џони дури му помогал на Рацин околу печатењето на стихозбирката „Бели мугри“ во Загреб.

    Професорот Чакарјаневски понатаму истражил дека по априлската војна и повторната окупација на Македонија во 1941, овојпат од фашистичка Бугарија и Италија, за сите македонски дејци започнува нов живот.

    „Боро Џони во 1942 станува член на Комунистичката партија без тоа да го знае окупаторот. Сепак, знаејќи ги неговата наобразба и севкупните квалитети, но не и неговата комунистичка активност, бугарските власти му понудиле да биде кмет на Богданци. Тој не сакал, но по партиска директива прифатил да биде за да е во тек со намерите на наводните ‘администратори’. Но, набрзо властите незадоволни од неговата работа го менуваат од кмет, па Џони се вработува во Обласниот суд во Струмица. Но,  кога биле откриени активности за формирање на партизански одреди, бугарската полиција ги зголемува своите контролни и репресивни мерки. Во мај 1943  Џони и неговото семејство се уапсени. Џони бил изолиран од останатите и безмилосно тепан“, вели во книгата проф. Чакарјаневски кој наведува голем број искази и тоа во детали од агенти кои сведочат за бруталната тортура врз Џонов.

    Македонски научни работници кои учествуваа на Меѓународната конференција во Штип ни рекоа дека бугарски научници иако најавиле, сепак се воздржале од реакција на трудот во кој со примери се зборува за суровоста на бугарските фашистички „администратори“ во 1943 година. Тие сметаат дека некои од бугарските научници кои најавиле дека ќе реагираат, сепак омекнале и се предомислили за да не се посрамотат, можеби и поради учеството на руски научници кои исто така аплицирале за Првата научна конференција.

    Од македонските историчари, посебно младиот научен истражувач професор Оливер Цацков го издвојува рускиот научник Алексеј Пентиковски од Институтот за руската азбука и професор на Московската духовна академија, кој се преставува со својот труд за славјанските брегалнички епископи. Тој во позитивна смисла за Македонија ги величи дека заземаат значајно место во историјата на црковните организации на територијата на Македонија почнувајќи од првите славјански епископи Св. Климент и Св. Наум и нивните манастири во Охридско-Преспанскиот Регион,  па сѐ до Михаил и другите славјански епископи кои ја шириле писменоста и азбуката во регионот по течението на реката Брегалница и пошироко.

    Врз основа на одржаните сесии и пријавените научни трудови деновиве треба да биде објавен најновиот Зборник на трудови на Институтот за историја и археологија во Штип.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира