ТРУДОВА ИНСПЕКЦИЈА УТВРДИЛА НИЗА НЕПРАВИЛНОСТИ ВО МОДНАТА КОНФЕКЦИЈА „СТОБИ“ ПО ОТКАЗОТ ЗА 250 РАБОТНИЧКИ

    ТРУДОВА ИНСПЕКЦИЈА УТВРДИЛА НИЗА НЕПРАВИЛНОСТИ ВО МОДНАТА КОНФЕКЦИЈА „СТОБИ“ ПО ОТКАЗОТ ЗА 250 РАБОТНИЧКИНадлежните ќе бараат прекршочна одговорност за правното и одговорното лице во друштвото (Фото: СДК.МК)

    Откако 250 текстилни работнички од модната конфекција „Стоби“ од Велес останаа на улица оти фабриката ненадејно се затвори, трудова инспекција влегла во фирмата. Притоа констатирала повеќе неправилности и дека правата на работничките се прекршени по повеќе основи.

    „Откази без доставено решение, неисплатени плати и регрес за годишен одмор, прераспределба на работно место и промена на договорот за вработување од неопределено во определено време се дел од откриените прекршоци“, информираа од синдикатот.

    Државниот инспекторат за труд (ДИТ) во повеќе наврати направил надзор во „Стоби“, при што биле утврдени неправилности од страна на работодавачот. МК „Стоби“ престана со работа на почетокот на ноември откако неговиот странски партнер ја откажал соработката.

    При инспекциските надзори утврдено е одјавување на 59 работници по основ на спогодба без да се склучи спогодба за престанок на работен однос и склучување договор за вработување на определено време без писмен договор за вработување. На 67 вработени им е даден нов, променет договор за вработување, при што покрај промената на работното место, извршена е и промена на работниот однос од неопределено во определено време, пишува во информацијата на синдикатот.

    Трудовите инспектори утврдиле и дека одјавувањата на работниците по основ на спогодба без склучување на спогодба се ништовни, односно донесено е решение за нивно поништување. ДИТ најавува дека ќе бара прекршочна одговорност за правното и одговорното лице во друштвото.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира