Една година откако е отворена биогасната централа кај Градско, време жителите на населбата Стопанство и дел од Градско немаат спокоен живот поради реата што се шири. Тие реагираат за ова уште од првиот ден на отворањето на инсталацијата. Од Државниот инспекторат за животна средина потврдија дека поради смрдеата е извршени вонреден инспекциски надзор, при што биле констатирани неправилности, односно централата нема заштита од реа.
„Една година се соочувма со неподнослива миризба, смрдеа од биогасната централа. Таму има открен базен каде се собира било каков измет. Тоа придонесува да се собраат муви и потоа да шират нечистотија и болести во околината. Остатокот од преработката ја фрлаат по блокови, еве тука на десетина метри и тоа исто смрди“ , вели Трајче Ристов, жител на Градско.
„Велат дека барале согласност за да се изгради, што не е точно дека сме се согласиле. Кој е тој што ќе се согласи, секој ден да дише смрдеа? Ни поставија детски парк со играчки. А како децата да излезат од дома на оваа смрдеа да играат тука. Не можеш дома врата да отвориш, да се проветри, 24 часа има смрдеа, секој ден, смрди корне“ , вели Ајџана Демири, жителка на населбата Стопанство.
„Колку далеку треба да бидат овие централи од населено место, а не во дворот да ни ја изградат. Едно кафе на тераса не можеме да се напиеме, затворени дома сме по цел ден. Полно е со муви, кои болест носат. Ни велат сме дале согласност, а никој нема потпишано такво нешто “, рече Ѓорѓи Стојменов, жител на населбата Стопанство.
Од Државниот инспекторат за животна средина велат дека посројките на централата немаат заштита од реа.
„При надзорот се констатира дека во постројките за производство на биогас не е обезбедена заштита од непријатни емисии на миризба од приемната јама, во која времено се складира цврсто и течно ѓубриво. Издадено е решение за отстранување на констатираните недостатоци со временски рокови кои сѐ уште течат, имајќи во предвид дека е потребно преземање на посериозни активности кои побаруваат време за изведба“, изјави Биљана Шуркова-Манаскова од Државниот инспекторат за животна средина за Општина Велес.
При надзорот било констатирано дека на западната страна веднаш до постројката се наоѓа населба од каде доаѓаат поплаките за емисии на миризба во воздухот. Населбата и инсталацијата ја одделува бетонски ѕид. Во Елабортот за заштита на животната средина, одобрен од надлежен орган било наведено дека „На западната страна објектот се граничи со неурбанизирана населба“.
По изминување на рокот даден во решението, инспекторатот најавува дека ќе се изврши контролен надзор, дали недостатокот е отстранет.
- НАД 110 ИЛЈАДИ ЕВРА КАЗНА ЗА БИОГАСНАТА ЦЕНТРАЛА ВО ГРАДСКО ПО ГОЛЕМИОТ ПОМОР НА РИБИ ВО ВАРДАР ПОРАДИ БРАНАТА ОД КОЈА ИСТЕЧЕ ТЕЧНО ЃУБРЕ
- ПУКНАЛА БРАНАТА СО ТЕЧНО ЃУБРИВО НА БИОГАСНАТА ЦЕНТРАЛА КАЈ ГРАДСКО, ИСТЕКЛА ВО ВАРДАР И СЕ СЛУЧИЛ ГОЛЕМ ПОМОР НА РИБА
На 27 јули, поради екохаварија на биогасната централа во Градско имаше голем помор на риба на реката Вардар, а директорот на Државниот инспекторат за животна средина Сретен Стојковски рече дека ќе биде казнета со парична казна од над сто илјади евра, според Законот за животна средина.
„Хаваријата која се случи на биогасната централа во Градско кога имаше истекување на течно ѓубриво, отпад кој согласно елеборатот за животна средина се собирал во резервоар. При увидот на 27 јули е констатирано дека овој течен отпад кој што се користи како ѓубриво во земјоделски активности е транспортиран на соседна парцела без дозвола, направена е лагуна и истата е пробиена. Односно, течното ѓубриво е истечено во соседните парцели и во реката Вардар. Согласно Законот за животна средина, за овој прекршок од трета категорија е предвидена санкција од 110 до 120 илјади евра за правното лице кое е среден трговец и 6.000 евра за одговорното лице“, кажа Стојковски.
П. ПЕЧКОВ