ЦЕЛОСНО ОБНОВЕНА ЗИМСКАТА МАРКАЦИЈА НА ПЛАНИНАРСКАТА ПАТЕКА ПОПОВА ШАПКА-ТИТОВ ВРВ КОЈА БЕШЕ УНИШТЕНА ВО АВГУСТ

    ЦЕЛОСНО ОБНОВЕНА ЗИМСКАТА МАРКАЦИЈА НА ПЛАНИНАРСКАТА ПАТЕКА ПОПОВА ШАПКА-ТИТОВ ВРВ КОЈА БЕШЕ УНИШТЕНА ВО АВГУСТПосебен гостин на промоцијата на патеката беше светски познатиот чешки алпинист Марек Холечек, добитник на престижната меѓународна награда „Пиоле д’Ор“. (Фото: СДК.МК)

    Откако во август намерно беа уништени дел од маркационите столбови на зимската патека кон Титов Врв, Националниот парк „Шар Планина“ со помош на амбасадорите од неколку европски земји, успешно ја обновија оштетената маркација на оваа многу често користена и атрактивна планинска патека.

    На промоцијата на обновената на обновената патека присуствуваа амбасадорите на Австрија, Чешка и Словачка, градоначалникот на Општина Тетово, претставници на Општина Боговиње и други институции, планинарски организации и љубители на планината. Посебен гостин беше светски познатиот чешки алпинист Марек Холечек, добитник на престижната меѓународна награда „Пиоле д’Ор“ (Piolet d’Or).

    „Зимската маркација е од исклучително значење за безбедноста на планинарите. Во услови на снег, магла и намалена видливост, столбовите овозможуваат полесна ориентација. Трасата е планирана надвор од скијачките патеки на ски центарот Попова Шапка и на одредени делови ги избегнува терените со зголемен лавински ризик. Проектот ‘Славков – Маркација на планинарски патеки во Северна Македонија’ е финансиран од амбасадите на Австрија, Чешка и Словачка, а го спроведуваат Планинарската федерација на Северна Македонија и Одржливи авантуристички патувања – Скопје“, соопшти „Шар Планина“.

    На повисоките врвови на Шар Планина веќе падна првиот снег, па пуштањето на обновената маркација на зимската патека до Титов Врв доаѓа во вистински момент не само за планинарите, туку таа многу ќе значи и за подобрување на планинарската инфраструктура и развојот на безбеден и одржлив планински туризам.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира