ЦЕЛОСНО РЕКОНСТРУИРАН МАГИСТРАЛНИОТ ПАТ ОД ОХРИД ДО СВЕТИ НАУМ

    ЦЕЛОСНО РЕКОНСТРУИРАН МАГИСТРАЛНИОТ ПАТ ОД ОХРИД ДО СВЕТИ НАУМРеконструкцијата во должина од 22,4 километри чини 11,7 милиони евра.(Фото: СДК.МК)

    Реконструираниот магистралниот пат Охрид-Свeети Наум во должина од 24,4 километри денеска беше официонално пуштен во употреба. Инвестицијата вредна 11,7 милиони евра опфати целосна санација на коловозот, поставување нова сигнализација, безбедносни огради и проширување на одредени места, а се направени и заштитни интервенции на ризичните косини.

    „Овој пат што денес го пуштаме поврзува со еден од најголемите духовни и туристички центри на Балканот, манастирскиот комплекс Свети Наум. Тој ги поврзува и сите плажи и туристички капацитети на јужниот дел од Охридското крајбрежје. Патот е дел од регионалната врска со Република Албанија. Охрид, градот под заштита на УНЕСКО, полека, но сигурно, го добива ликот на посакувана и пристапна европска дестинација“, рече премиерот Христијан Мицкоски.

    Потпретседателот на Владата и министер за транспорт и врски Александар Николоски кажа дека овој е еден од најзначајните патни правци за Охрид кој е витален за целиот охридски регион и за туризмот.

    „Она што ми е особено драго е тоа што се направи модерен пат и по кој побрзо преку целата година ќе можат да стигнуваат луѓето кои што живеат на овој дел од езерото, а исто така и туристите полесно да комуницираат. Овој пат не беше реконструиран и не беше чепнат на одредени делници од годините кога првпат бил правен, кога во поранешната држава генералот (на ЈНА, н.з.) Васко Карангелески го пробивал.  Еве сега е завршен и реконструиран и ќе помогне на туристите и на жителите полесно да комуницираат“, рече Николоски.

    Директорот на Јавно претпријатие за државни патишта (ЈПДП) Коце Трајановски истакна дека значењето на оваа регионална делница е исклучително важна затоа што претставува патна врска со Република Албанија.

    „За жал цели четири децении се чекаше за рехабилитација, чекаа и локалните жители кои секојдневно го користат овој магистрален пат, но и туристите. За сите нив денес имаме побезбеден, попрегледен и рехабилитиран магистрален пат на кој извршивме и растеретување на косини од нестабилен карпест материјал и монтиравме заштитна челична мрежа“, рече Трајановски.

    Со новата делница се очекува да се намали бројот на сообраќајни несреќи и да се зголеми бројот на туристи.

    С. ВРЕНЦОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира