Невообичаено мирно е во велешко Башино Село за овој период од годината. Тоа важеше за најголем одгледувач на младиот кромид и младиот лук во земјава. Но деновиве среде село е празно, нема откуп, родот е мал, а цената на откупот ниска. Цената на врзоп млад кромид е 150 денари, двојно пониска од лани.
„Како годинава не било. Се помалку се работи оваа раноградинарска култура. Младите најдоа работа, попладне кога се вратат од работа сакаат да одморат. Ни остана на постарите. А тешко е да се работи младиот кромид и лук. Кој не верува нека проба. И мал род има и малку се засади“, вели жител на селото кој ги подготвуваше количините за продажба.
Утешно е што цената на младиот лук е 300 денари врзоп, колку што беше и претходните години. Овој период од годината е шпицот во откупот, пред Велигден. За католичкиот Велигден дошол само еден шлепер за пазарот за Хрватска и тој половина се наполнил, заминал и не се вратил повторно. За православен Велигден за откупот на младиот кромид интересот е мал. Останува надежта дека нешто ќе се продаде за првомајскиот викенд.
Од откупувачите во Башино Село е само скопјанецот Весели Мемедали. Тој 30 години го откупува, ги знае производителите, но вели како годинава лоша состојба не помни.
„Катастрофа е. Доаѓав со камион и откупував 1.500 снопови дневно. Сега идам со едно комбе и тоа не се полни. Скапо е ѓубрето, работата мачна, нафтата отиде високо, а интерес за младиот кромид и лук нема“, вели Мемедали.
Ако со децении Башино Село го снабдуваше пазарот со млад кромид и лук на цела поранешна Југославија, дојде време кога сега нема интерес да го снабди ниту Скопје. Башноселци велат дека во одгледувањето на оваа култура приматот го зел Росоман. Сличен проблем имаат и со спанаќот, кој се откупува по 10 денари за килограм на големо, но и тој стои по нивните.
П. ПЕЧКОВ