Дизајнерски пешачки премини се исцртаа во Битола на дел од главните сообаќајници и пред училиштата како дел од активностите од Европската недела на мобилност. Целта е пешаците да бидат безбедни кога ги минуваат, а премините повидливи за возилата.
Европската недела на мобилност е платформа со мерки за пешачење, безбедно користење велосипед и квалитетен градски превоз, со цел граѓаните да се привлечат да го менуваат начинот на движење и патување низ градовите.
„Градовите да се планираат за луѓе и места, а не за автомобили. Централното градско подрачје да се врати на граѓаните. Повеќе да пешачиме и да користиме алтернативни видови на превоз, зашто ако знаеме дека сообраќајот учествува со 25 проценти во вкупното загадуање, јасно е дека треба да го менуваме курсот во планирањето. Проблемите се во некултурата на учесниците во сообраќајот, во непочитувањето на сообраќајните правила и прописи, потребно е поголемо преземање на превентивни мерки, но можеби и поригорозни казни”, рече Јасмина Буневска-Талевска, претседател на Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот во Општина Битола и национален консултант за одржлива мобилност.
Активностите ќе траат една недела.
Сања Стаматова, портпаролка на СВР, апелираше и до пешаците и возачите да ги почитуваат сообраќајните знаци, зашто знаат да бидат недисциплинирани.
„За овие осум месеци од 2019 имаме една жртва пешак од сообраќајна несреќа. Во 2018 немало. Во сообраќајни несреќи во 2018 во Битола загинале две лица, а годинава четири”, рече Стаматова.
Ж. ЗДРАВКОВСКА