ПО ДВА СПРОТИВНИ РЕЗУЛТАТИ ЗА ВОДАТА НА ГРАДСКАТА ПЛАЖА НА ЕЗЕРОТО МЛАДОСТ, ЦЕНТАРОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ ЌЕ ПРАВИ НОВА АНАЛИЗА

    ПО ДВА СПРОТИВНИ РЕЗУЛТАТИ ЗА ВОДАТА НА ГРАДСКАТА ПЛАЖА НА ЕЗЕРОТО МЛАДОСТ, ЦЕНТАРОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ ЌЕ ПРАВИ НОВА АНАЛИЗАВо водите е утврдено надминување на граничните вредности за присуство на цревни ентерококи и ешерихија коли (Фото: СДК.МК)

    Центарот за јавно здравје Велес врши проверка на информацијата дека водата во Езерото Младост, на местото наречено Градска плажа, е загадена и бактериолошки неисправна. Ова доаѓа откако Општина Велес објави дека испитувањата на квалитетот на водата, извршени од лабораторијата „Фуд лаб“ од Скопје на 11 август, покажале надминување на граничните вредности за присуство на цревни ентерококи и ешерихија коли на локациите брод „Панини“ и Градска плажа.

    „Кај бродот ‘Панини‘ утврдени се четири пати поголеми концентрации на ешерихија коли и двојно поголеми концентрации на цревни ентерококи. Според анализите на земените мостри вода кај Градска плажа, во езерото има четири пати поголема концентрација на цревни ентерококи. Врз основа на овие резултати, ве известуваме дека на споменатите локации капењето и рекреативните активности во вода не се безбедни. Им се препорачува на сите посетители да ги избегнуваат овие две локации. Според анализите, водата кај хотелите ‘Романтик‘ и ‘Бела Вода‘ е со добар квалитет, согласно законската регулатива“, соопштија од Општина Велес.

    Од Центарот за јавно здравје информираа дека веднаш биле земени примероци од водата на плажите „Романтик“ и „Градска плажа 1“, кои се проверуваат. Бил извршен и санитарно-хигиенски увид. Квалитетот на водата ќе се проверува во лабораторијата на ЦЈЗ Велес и во Институтот за јавно здравје во Скопје.

    Од ЦЈЗ Велес потсетуваат на нивните испитувања на водата од двете плажи кои ги контролираат, „Градска плажа 1“ и „Романтик“. Сите резултати за периодот мај-јули, заклучно со 3 август, покажале дека водите се исправни за капење и рекреација.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира