Водата во реката Црн Дрим денес поцрвене од тампонот и камењата кои што беа поставени во речното корито. Забзун Мустафа, градоначалник на Струга, вели дека водата во реката се обоила црвено, бидејќи ги креваат тампонот и камењата, поставени за да има пристап градежната механизација со која што се работеше на санација на дел од кејот на Црн Дрим до мостот на поезијата.
„Имаше опасност ѕидот од кејот да падне, поради што моравме да го санираме. Санацијата заврши, и сега полека ги креваме камењата и тампонот кои што ги поставивме во речното корито за да може да се работи со машините. Црвената боја на водата се појави од тампонот што го креваме, најситните честички. До крајот на денот ќе го исчистиме речното корито и веќе од утре Дрим нема да биде црвен“, вели Мустафа.