ЦРВЕН ПЛОЧНИК ЗА КЕЈОТ ВО СКОПЈЕ, ПОЧНА УРЕДУВАЊЕТО НА ШЕТАЛИШТЕТО

    ЦРВЕН ПЛОЧНИК ЗА КЕЈОТ ВО СКОПЈЕ, ПОЧНА УРЕДУВАЊЕТО НА ШЕТАЛИШТЕТООткако цело шеталиште беше ослободено од затворените тераси на кафулињата сега се поставуваат плочки долж целиот кеј.(Фото: СДК.МК)

    Град Скопје деновиве почна со поплочување на кејот 13 Ноември. Откако цело шеталиште беше ослободено од терасите на кафулињата кои беа претворени во затворени импровизирани објекти, сега се поставуваат плочки долж целиот кеј. Поплочувањето се врши со два вида плочки и сега кејот ќе има сосема нов изглед во нијанса на црвена боја.

    „Во моментов се работи во делот кај зградата на ‘Телеком‘ и наредниот месец нов плочник ќе добие цел потег до хотелот ‘Холидеј ин‘. Целосно кејот ќе биде готов во јуни и овој дел од срцето на градот ќе добие еден сосем нов лик“, велат од Град Скопје.

    По завршување на реконструкцијата на кејот кафеанџиите нема да смеат да поставуваат маси и столици во средина, а за возврат ќе добијат дозвола да ги прошират терасите пред објектите за плус 3.5 метри.

    Коли и понатаму ќе се движат низ кејот, но градоначалникот Петре Шилегов тврди дека тоа ќе бидат многу мал број возила на „Телеком“, на кои ќе им биде дозволено движење само од 8 до 9 часот и од 14 до 17 часот.

    „Кај хотелот ‘Холидеј ин‘ ќе имаме две бетонски бариери кои ќе спречат влез на возила освен во строго определен број, во строго определено време. Немам намера да дозволам да се потрошат 88 милиони денари, а за година и половина да имаме иста ваква ситуација. Ќе направам сè што е во моќ на Градот и во соработка со МВР да се спречи такво дивеење“, рече Шилегов на почетокот на реконструкцијата на кејот.

    Реконструкцијата на кејот чини 1.5 милиони евра.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира