Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов формирал комисија која ќе утврди дали имало пропусти во работењето на неговите вработени или во другите надлежни институции, кои минататa недела не пружија помош на премрзнат сточар во кратовското планинско село Емирица, па екипа од Брза помош го изнесе на раце 5 км по козји патеки за да му го спаси животот.
Директорот Ангелов денеска на прес-конференција се правдаше дека оперативниот сл Центрот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангеловужбеник на Центарот за управување со кризи во Кратово ги преземал сите мерки за да обезбеди теренско возило џип, за да се извлече премрзнатиот маж, но не успеал во тоа, затоа што ни тие ниту пак било која друга јавна институција и претрпијатие во градот немале такво возило. Тој вели дека нивниот вработен по добиениот повик од Брзата помош, се јавил во Полицијата, Противпожарната единица, Јавното претпријатие Македонски шуми, во ЕВН и во Комуналното претпријатие, но сите го одбиле. Притоа, признава дека вработениот самоиницијативно можел да побара хеликоптер и истиот за кратко време да стигне, но бил фокусиран на барањето на лекарскиот тим да најде теренско возило.
„Запрепастувачки е дека во целата општина не е најдено ни едно возило коешто ќе отиде и ќе помогне во извлекувањето на пациентот. Тој бил фокусиран да најде теренско возило, па дури и трактор, и а по стандардните оперативни процедури тој не е обучен во ваква ситуација да носи одлука дали треба или не треба хеликоптер. Како Центар за управување со кризи тука пронаоѓам една наша слабост и тие т. н. стандардни оперативни процедури треба да бидат променети и секогаш во било која ситуација кога ќе имаме загрозен живот на било кој граѓанин и на било кое место, ние како Центар ќе се погрижиме да испратиме хеликоптер за извлекување“, додаде Ангелов, кој кажа дека има директна комуникација со претседателот на државата и министерот за одбрана.
Наместо помош од надлежните институции, екипа од Итната медицинска помош од Кратово, предводена од лекарот Павле Зафиров, минататa недела спаси човек од сигурна смерт кој премрзнал во планинското село. Тој заедно со колегите техничар и шофер, како и членови на семејството на премрзнатиот меѓу кои и неговата 90-годишна мајка, пет километри по козји патеки и непристапен терен го носеле на раце човекот кој добил сериозни здравствени проблеми затоа што паднал и останал завеан во снег цела ноќ на поларно ниски температури. Драмата за спасување на човекот траела речиси 12 часа.
Д-р Зафиров во телефонски разговор за САКАМДАКАЖАМ вели дека тоа што го направил е неговата работа и за тоа е платен, а кога треба да се работи ќе даде сè од себе, па и по цена да мора некого да носи на грб.
„Ни се случува често да идеме во планински села, но сепак вака екстремен и толку сериозен случај не сме имале. Ова го направивме затоа што немавме избор, така бараше ситуацијата и потребата пациентот беше да се згрижи болнички,“, вели д-р Зафиров, кој не сака повеќе да коментира кој и како не си ја завршил работата.
Трогателната приказна во која потфрлија надлежните локални и државни институциите тој ја раскажа и на Фејсбук јавно праша колку вреди човечкиот живот во нашата држава.
„Пред неколку дена, добив повик за лице завеано во едно од најоддалечените планински места во кратовската општина. Околу девет часот утрото заедно со медицински техничар и шофер, придружувани од семејството на лицето, се упативме во планината. По поминати околу три-четириесетина километри возилата ни се заглавија во соспите снег, по што моравме да продолжиме пеш. После повеќе од час и половина одење низ екстремно стрмниот и непристапен терен, бидејќи патот до куќата не беше прооден, стигнавме до имотот“, вели Зафиров.
„Затековме трогателна ситуација. Лицето беше паднато на патеката која од неговата куќа води до трлото во кое одгледува значителен број овци, кои во овој период од годината се јагнат и мораат да бидат проверувани секоја вечер. За некое чудо, лицето после поминати повеќе од 12 часа на поларна температура во снегот беше сè уште живо, за разлика од овцата која најверојатно имаше излезено да ја врати во трлото по јагнењето. Го нашла неговата 90-годишна мајка која немајќи сила да го крене поминала цела ноќ покрај него обидувајќи се да го загрее, за да во утринските часови, иако не знаела да ракува со телефон, успеала да се јави на најзината ќерка и да побара помош“, раскажува докторот.
Откако го внеле во куќата и му пружиле пружиле прва помош, лекарот утврдил дека поради сериозноста на повредите и другите болести пациентот мора да се пренесе на болничко лекување. Но, тогаш почнала нивната голгота. Поради непристапноста на теренот не можеле да го однесат до нивното возило. Решиле да се обратат за помош на институциите во Општина Кратово, но не добиле поддршка.
„И замислете, секаде каде што се јавивме или пративме некого да праша ни беше речено дека не можат да ни помогнат. Противпожарната единица не можела, Центарот за управување со кризи не бил надлежен, колегите од Здравствен дом Кратово се јавувале и во Полициската станица, но искрено не знам што им било речено, а од Општина Кратово и на личниот број на градоначалникот не не` удостоија ни да ни кренат слушалка. Оставени сами на себе и без никаква помош, ги прашав неговите роднини и медицинскиот техничар дали се спремни на раце да го изнесеме човекот до возилото, целосно свесен за ризикот во кој ги ставам нив и самиот себе и за одговорноста која ја преземам. Сепак, професијата не ми дозволува ни да помислам да не го транспортирам пациентот кој имал среќа да преживее на тој студ и снег“, додава докторот.
Роднините се организирале и направиле импровизирано носило од колци и ќебиња, го завиткале болниот во јамболии, па ги сошиле ќебињата и тргнале на пат низ планината.
„Ние четворицата околу 5 часа на раце го носевме пациентот по козји патеки, низ екстеремно стрмен предел и шума наместа затрупани со снег, преку река и низ угорница која ретко кој би се осмелил да ја помине пеш. На крајот, накај 19 часот успеавме да стигнеме до возилата и околу 20 часот да го транспортираме пациентот во Здравствен дом Пробиштип, каде дежурната екипа без збор и прашање го презеде пациентот и го однесе во Штип. Доживеав 90-годишна мајка низ солзи и лелеци да нè моли да го спасиме нејзиниот син носејќи го на грб по истите козји патеки, по кои таа им носела храна на партизаните кои со крв ја изградиле денешната држава која не сакаше да му помогне на син è“, пишува д-р Зафиров.
Тој јавно побара одговорност од првите луѓето на надлежните институции и очекува конечно да почнат да работа за она што се платени.
С. НИКОЛИЌ